На шест локации во Скопје од утре па во наредните три месеци, во попладневните часови од понеделник до петок, граѓаните ќе можат да вежбаат на отворено со поддршка на професори и студенти од Факултетот за физичка култура, образование, спорт и здравје. Сите неопходни реквизити за вежбање ќе ги обезбеди Факултетот.
Целта на оваа акција, што ја реализира Град Скопје во соработка со Факултетот за физичка култура, како што рече градоначалникот Петре Шилегов, е да се подигне јавната свест на граѓаните од сите возрасти за потребата и придобивките од физичката активност и да се стимулира поздрав начин на живот.
-Од утре, Градот Скопје во соработка со овој Факултет почнува голема акција „Да вежбаме заедно“ која ќе се реализира во следните три месеци. Со поддршка на професионални тренери ќе овозможиме граѓаните на Скопје да можат да имаат бесплатни физички активности во текот на попладевните часови од понеделник до петок и тоа на шест локации. Целта е да всадиме кај помладите генерации навика за физичка активност, а кај постарите генерации да стимулираме поинаков и поздрав начин на живот, рече Шилегов на промоцијата на акцијата.
Тој напомена дека сите информации за тоа на која локација, какви активности ќе се организираат, граѓаните ќе можат да се информираат на веб-страницата на Градот Скопје.
Деканката на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, Ленче Алексовска-Величковска вели дека оваа акција е добредојдена секогаш, но особено сега поради пандемијата.
-Првата цел е да ја подигнеме свеста за физичка активност кај сите категории деца, адолесценти и возрасни, рече таа.
Борче Даслаковски, продекан за настава на овој Факултет, вели дека физичката активност е неопходна поради предизвиците на новото време, и како што нагласи, седечкиот начин на живот, кои доведуваат до доста здравствени проблеми кај граѓаните.
-Ќе дадеме импулс, насока и правец како треба во сите возрасни категории правилно да се работи, да се вежба, со примена на одбрани дисциплини кои се доста актуелни во светот и кај нас, како јога, хата јога, пилатес, аеробик, рече Даскаловски.
Со физичка активност, вели Даскаловски, можат да се подобрат општите моторички способности, но и метаболичките и физиолошките својства на организмот, со што ќе се подобри и здравствената состојба.
Сите активности во рамки на оваа акција, нагласуваат организаторите, ќе се одвиваат согласно препораките за заштита од КОВИД-19.