Македонскиот шампион Шкендија доживеа пораз со 1-3 (0-3) во првиот натпревар од плеј-офот во Лигата на Европа на гостувањето кај Розенборг.
Во 11-тата минута Исам Јебали по асистенција на Никлас Бендтнер постигна ефектен гол и го отвори резултатот, а веќе во 15-тата се запиша и самиот Бендтнер кој со глава реализираше по асистенција на Леви. Пред самиот крај на првиот дел, Розенборг започна контра која ја финишираше со погодок Џонатан Леви, па така Норвежаните се прибраа во соблекувалните со три гола предност.
Стенио Жуниор сепак ја врати надежта за тетовскиот тим дека на реваншот може да ја анулира негатива од два гола, откако во 76. минута реализираше за 1-3, што беше и конечен резултат.
Шкендија во финишот имаше претензии и за пенал, откако еден домашен играч играше со рака во својот шеснаесетник, но главниот судија не досуди ништо.
Реванш средбата се игра на 30-ти август на Градскиот стадион во Скопје.