Шкотските власти од денеска забранија собирања во домовите во Глазгов и во два околни окрузи поради зголемување на бројот на заразени со коронавирус.

Од ноќеска на полноќ, 800.000 жители на Глазгов, Западен Данбартоншир и Источен Ренфрушир не смеат во своите домови да примаат луѓе кои не се дел од нивното семејство, ниту им е дозволено да се посетуваат едни со други.

Шкотската премиерка Никола Старџен ја објасни оваа одлука изјавувајќи дека заразата се пренесува претежно во домовите и дека таа мерка ќе важи две недели, пишува „Гардијан“.

– Знам колку е непопуларна оваа мерка за луѓето во тие области. Го знам тоа затоа што и јас живеам во Глазгов. Значи, правилата важат и за мене, како и за сите други, рече Старџен на прес-конференција.

Училиштата, пабовите и рестораните ќе останат отворени.