Русија трипати ја употребила хиперсоничната ракета „Кинжал“ (Бодеж) досега во текот на „специјалната воена операција“ во Украина, изјави денеска министерот за одбрана Сергеј Шојгу во разговорот за телевизијата Россия-1.
Ракетите „Кинжал“ се дел од низата ново хиперсонично вооружување кое претседателот Владимир Путин ги претстави во 2018 година кога предупреди дека може да ја погоди секоја точка во светот и да го избегне т.н. „противракетен штит“ кој САД го подигнаа околу Русија.
Министерот Шојгу, зборувајќи за државната телевизија, рече дека ракетите се покажале ефикасни во гаѓањето цели со висока важност во сите три случаи, фалејќи ги како „неспоредливи“ и дека е речиси невозможно да бидат соборени додека летаат.
„Ја употребивме трипати во специјалната воена операција. И трите пати ги покажаа своите брилијантни карактеристики. Карактеристики што ги нема ниедна друга слична ракета во светот“, рече шефот на руската одбрана.
Русија првпат го употребила системот „Кинжал“ во Украина околу еден месец по почетокот на воените операции во соседната земја, кога било гаѓано големо складиште со странско оружје во западниот украински регион Ивано-Фраквиск.
Шојгу потсети дека летот на „Кинжал“ достигнува речиси десет пати поголема брзина од брзината на звукот и истовремено ја менува треакторијата на летот и во вертикалната и во хоризонтална рамнина. Додаде дека авионот од тип „Су-57“ кој во овие случаи ја носел ракетата е опремен со неколку различни системи на противвоздушната одбрана.
Претходно седмицава руското министерство за одбрана соопшти дека три борбени авиони од типот „МиГ-31Е“ опремени со ракети „Кинжал“ се распоредени во Калининградската област, руска енклава на Балтикот која се наоѓа меѓу членките на НАТО и Европската унија Полска и Литванија.
Неодамна на Денот на руската морнарица Путин најави дека следните месеци морнарицата ќе ги добие хиперсоничните крстосувачки ракети „Циркон“ кои летаат девет пати побрзо од брзината на звукот надминувајќи на противвоздушната одбрана, чие сериско производство беше најавено претходно седмицава.