Русија ќе повика вкупно 300.000 резервисти да служат во конфликтот со Украина, под делумна национална мобилизација, објави во средата министерот за одбрана Сергеј Шојгу. Тој додаде дека Москва има значително доволен капацитет во однос на воениот персонал.

Според Шојгу, мобилизацијата нема да важи ниту за студенти, ниту за регрути. Министерот нагласи дека ќе бидат повикани само оние кои веќе отслужиле војска.

– Тоа не се луѓе кои никогаш не слушнале ништо за армијата. Тоа се оние кои, прво, го завршиле воениот рок, второ, оние кои имаат воена специјалност и имаат воено искуство, истакна тој.

Шојгу, исто така, нагласи дека Русија поседува огромна мобилизациска способност и може да повика речиси 25 милиони луѓе со одредено воено искуство.

– Значи, може да се каже дека оваа делумна мобилизација е само 1%, или малку повеќе од вкупниот број на луѓе што би можеле да се мобилизираат, додаде тој.

Министерот за одбрана истакна дека линијата за контакт меѓу Москва и силите на Украина е долга повеќе од 1.000 километри, а мобилизацијата ќе биде искористена за нејзина одбрана.

– Нормално е дека оваа линија треба да се зајакне за териториите кои ги држи Русија да бидат под контрола. Се разбира, тоа е и целта на оваа мобилизација, рече министерот Шојгу.

Претходно  рускиот претседател Владимир Путин најави делумна воена мобилизација, опишувајќи го потегот како разумен и неопходен поради воената кампања во Украина. Тој вети дека на оние кои ќе бидат повикани ќе им се обезбеди дополнителна обука и бенефиции.

Русија испрати војници во Украина на 24 февруари, наведувајќи го неуспехот на Киев да ги имплементира договорите од Минск, дизајнирани да им дадат специјален статус на регионите Доњецк и Луганск во рамките на украинската држава. Протоколите, со посредство на Германија и Франција, првпат беа потпишани во 2014 година. Поранешниот украински претседател Пјотр Порошенко оттогаш призна дека главната цел на Киев била да го искористи прекинот на огнот за да купи време и да создаде моќни вооружени сили.

Во февруари 2022 година, Кремљ ги призна републиките во Донбас како независни држави и побара Украина официјално да се прогласи за неутрална земја која никогаш нема да се приклучи на ниту еден западен воен блок. Киев инсистира на тезата дека руската офанзива била целосно неиспровоцирана.

М.П.