Македонија го исфрли европскиот шампион Италија од можното учество на СП во Катар. Манчини, кој минатото лето во Италија беше славен како херој по освојување на европската титула, сега беше испратен со свирежи од стадионот во Палермо, откако неговата репрезентација загуби од Македонија со 1:0.
Ние одиме на уште натпревар во финалето од баражот, откако Трјковски во 92 минута со шокантен гол приреди уште пошокантно изненадување и ни донесе победа.
Рака на срце, Италијанците така не притиснаа што со минути не успевавме да ја поминеме половината од теренот, но не создаваа шанси, па немаа ни можности за гол. Дури и темпото што го наметнаа во првото полувреме, кога се чинеше дека е само прашање на време кога ќе постигнат гол, кога ние не можевме да врземе две додавања, иако Италијанците имаа само една шанса, во второто полувреме опадна, па се чинеше дека и Италијанците се сигурни дека ако не победат во регуларниот дел, тоа секако ќе го сторат во продолженијата.
Таа самоувереност скапо ги чинеше, иако во тие моменти, кога натпреварот беше пред крај, веројатно и ние веќе размислувавме како да оставриме 0:0 и по продоленијата, па да си ја пробаме среќата на пенали. За наша среќа, до нив не дојде.
Следниот, финален натпревар за СП, го играме со Португалија во Порто.