Повторно ќе разговарам со Владимир Путин, затоа што е неопходно да се разговара, вели германскиот канцелар Олаф Шолц во интервјуто за берлинскиот весник Тагесшпигел.
Шолц додаде дека „одговорност на Путин е да ги повлече војниците од Украина за да стави крај на оваа ужасна, бесмислена војна која веќе чини стотици илјади животи“.
Путин и Шолц последен пат разговарале телефонски на почетокот на декември.
Рускиот претседател Путин тогаш изјави дека германскиот и западниот однос кон Украина е „деструктивен“ и го повика Берлин да го преиспита својот пристап.
Германија е вториот најголем донатор на воена опрема за Украина по САД, според Институтот за светска економија во Кил, пред другите европски сили како Франција и Британија.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека Путин е отворен за контакти со германскиот канцелар Шолц, иако нема закажан телефонски разговор со него, објави агенцијата РИА Новости.
– Засега нема закажани разговори (со Шолц). Путин беше и останува отворен за контакти, изјави тој за агенцијата.