Партнерството во НАТО, претстојното претседавање на Македонија со ОБСЕ, напредокот во евроинтеграцијата, заземање цврст став за корупцијата и состојбата во регионот, биле теми на телефонските разговари што ги имал советникот на државниот секретар на САД, Дерек Шоле со претседателот Стево Пендаровски и со премиерот Димитар Ковачевски.
– Одлична можност да разговараме со претседателот Пендаровски за нашето силно партнерство во НАТО, претстојното лидерство на С. Македонија со ОБСЕ, напредокот во пристапот во ЕУ, заземање цврст став за корупцијата и соработка да се донесе дополнителна стабилност и можност за Западен Балкан“, напиша Шоле на неговиот Твитер профил.
Со Ковачевски, пак, како што наведува, имале продуктивен разговор за енергијата, борбата против корупцијата, и други клучни прашања. „Му се заблагодарив за важниот придонес на С. Македонија во НАТО и за правењето тешки избори потребни да се остане на патот кон евроатлантската интеграција“, пишува Шоле.
Советникот на државниот секретар на САД, Дерек Шоле, требаше вчера, како што првично беше најавено од Стејт депратментот, да дојде во Скопје, но поради позитивен ковид-тест, ја одложи посетата по Нова година.
Шоле во земјава требаше да разговара со владини претставници за низа прашања, вклучително и за енергетиката, економијата и борбата против корупцијата, соопшти Стејт департментот.
– Жалам што ќе треба да го одложам моето патување на Балканот и во Брисел поради позитивен ковид тест. Ќе останам ангажиран за сите овие прашања во балканскиот регион и со нетрпение очекувам да го направам ова патување на почетокот на следната година, објави Шоле на Твитер.
Освен Макеоднија, во програмата на Шоле беа и посетите на Косово, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска и Белгија. Целта на посетите, како што информираа од Стејт департментот, е да се нагласи трајната посветеност на САД за мирот, стабилноста и просперитетот на регионот.