Галиција, провинција во северозападна Шпанија, забрани пушење на улици и јавни места како што се кафе-тераси за да го спречи ширењето на коронавирусот, а мерката може да се прошири и во остатокот од Шпанија.

Мерката стапува на сила денеска и се однесува на местата каде нема меѓусебно растојание од најмалку два метра меѓу луѓето, се вели во официјалниот документ објавен од регионалната влада.

Галиција, провинција со 2,7 милиони жители, во моментов има 827 заразени лица, што е повеќе за 87  во однос на претходниот ден.

Мерката беше предложена на регионалната Влада од страна на тим лекари специјализирани за превенција на болеста Ковид-19, по состанокот одржан вчера. Тие веруваат дека чадот од тутун претставува голем ризик за ширење на коронавирусот.

„Кога пушите цигари или користите електрични цигари на јавни и отворени места, вклучително и тераси, тоа може да биде исклучок само ако во секое време има растојание од два метра од другите луѓе“, се наведува во документот. Ваквите простори мора да бидат доволно пространи што во ниеден момент не може да се намали пропишаното растојание помеѓу пушачот и минувачот, или пушачот и другите лица.