Во пресрет на денешното гласање за тоа дали вршителот на должноста премиер на Шпанија, Педро Санчез да остане на функцијата, неименуван извор открива дека преговорите меѓу Социјалистичката работничка партија (ПСОЕ) и левичарскиот сојуз Унидас Подемос на Пабло Иглесијас за формирање влада се „целосно неуспешни“, пишува весникот „Ел Паис“.

Според изворот, причина за неуспехот се „неприфатливите“ барања на Иглесијас.

Владата на Санчез смета дека доколку ги прифати барањата на Унидас Подемос, во замена за поддршка на денешното гласање, тоа ќе резултира со „формирање на две влади“ во рамки на една, со најголем дел од социјалните и економските политики во рацете на партијата на
Иглесијас.

Унидас Подемос досега нема потврдено официјално дека преговорите пропаднале, туку напротив соопшти дека „продолжува да ги разгледува опциите за коалициска влада“.

На Санчез (47) му треба поддршката од Унидас Подемос за да освои просто мнозинство – повеќе „да“ од „не“ гласови, и да формира влада.

Денешниот круг гласање се одржува откако Санчез во вторникот не доби поддршка од 176 од вкупно 350 пратеници.

Ако денеска Унидас Подемос го поддржи Санчез, и ако се воздржат од гласање регионалните партии од Каталонија и Баскија, тој ќе има доволно поддршка за да состави влада. Санчез е вршител на должност од почетокот на јуни 2018 година кога Парламентот му изгласа недоверба на конзервативниот премиер Маријано Рахој.

Доколку пропадне и денешниот обид, Шпанците најверојатно во ноември ќе гласаат на нови избори.