Сребрениот спортски автомобил на Џејмс Бонд со ротирачка табличка на која пишува JB007 е првото нешто што посетителите можат да го видат кога ќе влезат во новиот, „подобрен“, Меѓународен шпионски музеј, кој ќе биде отворен утре во Вашингтон, објави Танјуг.
Покрај тоа, се гледа како историјата на познатиот агент да исчезнува во невидливо мастило, додека централното место го заземаат приказните за вистинските шпиони и модерното шпионирање.
Стариот, избледен музеј беше фокусиран на колекцијата на човечката интелигенција. Новиот, исто така, нуди поглед кон тајните операции, контратероризмот, анализа на разузнавачки податоци, кибер-шпионажа пропусти на разузнавачките служби, па дури и прашања за кои многу се дискутира, како што се етички прашања.
– Ние како музеј не играме на сигурно, изјави историчарот Винс Хотон, кој е кустос во музејот.
Според него, музејот е вреден 162 милиони долари, но е непрофитабилен.
– Не добиваме пари од Владата. Мора да ја задржиме независноста, затоа што има уште многу приказни што мора да ги раскажеме, вели Хотон.
Вистинските разузнавачи „обично го држат јазикот зад заби“, но посетителите на музејот ќе имаат можност да гледаат снимки на кои поранешни разузнавачи зборуваат за својата работа.
Така, познат психолог на ЦИА зборува за тоа како довербата и стравот влијаат на односите меѓу разузнавачите и нивните шефови.
Поранешниот заменик-директор на ЦИА зборува за тоа како ги процениле разузнавачките податоци што воделе до претрес на локацијата во Пакистан каде што лидерот на Ал Каеда, Осама бин Ладен, беше убиен во 2011 година.
Вистинските жени шпиони го шират митот за тоа дека жените се потпираат на сексуалната привлечност за да соберат разузнавачки податоци.
Во музејот е поставена и изложба за Данецот Мортен Сторм, кој се преобрази во исламски екстремист. Подоцна се разочара од исламот и почна да работи за данска разузнавачка служба како двоен агент, давајќи информации за барани осомничени исламисти. Неговиот живот во сенка стана јавен во 2012 година.
– Отидовме на тајна локација на која се криеше Ал каеда и го снимивме како ја раскажува својата приказна, опкружен со артефакти од својот живот, вели Хотон.
Во музејот има и приказни за измами и трагедии, но и изненадувања.
Сите знаат дека 007 беше „Бонд. Џејмс Бонд“. Меѓутоа, помалку луѓе знаат дека првиот американски супершпион бил претседателот Џорџ Вашингтон, агент 711. Двете страни шпионирале во текот на војната во 1770 година, но на крајот шефот на британската разузнавачка операција Мајкл Џорџ Беквин изјави: „Вашингтон не нè победи воено, тој нè победи во шпионирање“.
Вашингтон помагаше во координација на разузнавачките операции за време на војната, а музејот го чува писмото што сведочи за создавање на првата американска разузнавачка агенција.
– Тоа е магна-карта за американската разузнавачка служба, рече Хотон за својот омилен експонат.
Стариот музеј, кој е затворен во 2018 година, имаше околу 3.000 артефакти и можеше да прикаже околу 600 од нив наеднаш.
Новиот шпионски музеј има 10.000 артефакти, вклучувајќи и повеќе од 5.000 предмети што ги донираше Х. Ких. Мелтон, бизнисмен од Флорида, кој со години патуваше низ светот за да ги пронајде и да купи.
Има и околу 1.000 шпионски алатки, меѓу кои и секира за качување, користена во крвавото убиство на рускиот револуционер Лав Троцки и парче од шпионскиот авион „У2“ на Гари Пауерс, кој беше соборен над Советскиот Сојуз во 1960 година.
Овде има и опрема за разбивање кодови, надзорни камери, маска од бремена жена.
Изложен е и килибарски дрон, беспилотно летало дизајнирано од еден Израелец, претходникот на денешниот „предатор“, кој изведува воздушни удари во Авганистан и други жаришта низ светот.
На влезот во музејот посетителите можат да одлучат дали да добијат таен идентитет и мисија, како и беџ што емитира радиофреквенција преку која ќе бидат препознаени додека шетаат низ интерактивната изложба по целиот музеј.
За време на обиколката се тестираат нивните шпионски вештини и тие на крајот можат да дознаат дали повеќе им одговара работа на терен или работа како аналитичар на ЦИА.