Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денеска предупреди да не се прекинуваат сите врски со Русија и покрај трнливиот период во односите, нагласувајќи дека Западот и Русија се одговорни за мирот во Европа.

– Во оваа тешка фаза од нашите односи, мора да се осигураме врските целосно да не се раскинат, рече претседателот на Германија, нагласувајќи дека многу мостови меѓу Западот и Истокот се уништени во последните 20 години.

Според него, ова е алармантна состојба, особено во овие кризни времиња.

– Живееме во период на тешки односи, но има минато пред нив и иднина по нив, рече Штајнмаер на годишната конференција на германскиот комитет за источноевропски економски односи, што се одржа онлајн.

– Двете страни сме одговорни за иднината на мирна Европа, нагласи германскиот претседател.