Усвојување на уставните измени и реафирмација на поддршката на Германија за патот на С. Македонија кон ЕУ е клучната порака која германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер ја донесе во Скопје.
Ова е прва посета на германски претседател на Македонија по 15 година, но Штајнамер смета дека дошол во вистинско време кога земјата постигнала значителен напредок со одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ. Но потребен е следниот голем чекор.
– Вашата земја се наоѓа пред една важна одлука дали преку претстојната промена на Уставот ќе го отвори патот за отворање на поглавјата во поединечни области како на пример економската политика или владеење на правото“, рече Штајнмаер.
Тој додаде дека е свесен оти Македонија на патот кон ЕУ имала потешкотии и дека довербата на луѓето во ЕУ била оптоварена со договорот од Преспа, кој бил импресивен пример дека може да бидат надминати долгогодишни разлики ако постои политичка волја од двете страни. Штајнмаер ја поздрави и како што ја нарече прагматичната подготвеност за компромис за засилување на добрососедските односи со Бугарија и притоа посочи дека е убеден оти тој став на крајот ќе се исплати.
Истото го повтори и во неговиот говор во Собранието.
– Мојата молба е – не ја губете долгогодишната цел, тоа што е стремеж 17 години, пристапувањето кон ЕУ. Сигурен сум – за патот кон Европа вреди и следниот тежок чекор, рече Штајнмаер.