Штипскиот Дом на млади ќе ја враќа старата фасада со графити, што пред пет години беше префарбана во розова боја.

Директорот на Дом на млади-Штип, Горан Трајков, вели дека распишале конкрус, на кој млади уметници ќе се јават со идејни решенија, а проектот се реализира под наслов „Нашиот дом“.

– Домот на млади распишува повик за избор на седум авторски цртежи. Повикот е отворен за домашнитe ликовни уметници и автори од полето на уличната и графити уметност. Идејата е во склоп на еден од најзначајните објекти, градот под Исарот, да се интегрира првата галерија на отворено, посветена на уличната уметност и графити културата. „Нашиот дом“ е темата со која ќе го започнеме овој културен проект, вели Трајков.

Фасадaта сега е обоена во црна боја, на која уметниците ќе можат да ги реализираат своите дела. Трајков забележува дека покрај промоцијата на домашните уметници, пред јавноста ќе може да се претстават и уметници од останатите градови.

Секој заинтересиран може да учествува на конкурсот со една идејна скица-концепт, во категориите „Street art“ или „Graffiti“. Конкурсот е отворен до 30 март. Уметниците ќе работат на своите дела на фасадата од 10 до 28 мај, а на 1 јуни ќе се отвори галеријата во рамките на фестивалот „Сигнал“.