Денес на „селфи“ (самослик) гледаме како нов феномен – терминот „селфи” влезе и во речникот Оксфорд во 2013 и наскоро стана збор за годината. Сепак, „селфито“ е старо колку и фотографиите. Првото селфи е направено во 1839 година од Американецот Роберт Корнелиус.

Зигмунд Фројд е творец на психоанализата и популаризирал неколку концепти, како его, потсвест и одењето на психотерапија. Една од тие идеи е претераната љубов кон себеси, позната како нарцисоидност.

Во грчката митологја, младиот Нарцис го видел својот одраз во водата и поминал толку време восхитувајќи се на сопствената убавина што изгубил претстава за тоа што се случува околу него. На крај се удавил обидувајќи се да го прегрне сопствениот одраз.

Фројд вели дека самољубието е природно. Меѓутоа, може да се претвори во психолошко пореметување кога некој се сака себе си до таа мера што ги исклучува и занемарува сите други. И тоа е она што се нарекува нарцисоидно однесување.

Психолозите развиле тест за мерење на личните карактеристики, како нарцисоидноста и дел од истражувањата покажаа дека:

1.Нарцисите обично се поактивни на социјалните мрежи

2.Објавувањето селфи фотографии се поврзува со претерана самобендисаност

3.Жените се обично помалку нарцисоидни од мажите, иако објавуваат повеќе селфи фотографии.

Од друга страна, американскиот психолог Џин Твенге вели дека нарцисоидното однесување сѐ повеќе зема замав и во последниве неколку децении достигнало иста стапка на раст како и прекумерната дебелина.

Повеќето идеи на Фројд произлегле од неговото секојдневно опкружување, а количината на информации до која денес имаме пристап би му била многу занимлива на аналитичар како него.

Фојд сигурно би сакал да го анализира феноменот на селфи културата. Сигурно би забележал дека луѓето не објавуваат селфи бидејќи се заљубени во себе, туку бидејќи сакаат сите други да бидат заљубени во нив.

Да не забораваме дека Фројд ги почнал неговите истражувања кон крајот на 19. век, во доба на далеку поголема сексуална потиснатост.

Жените и мажите се држеле одвоено и биле учени да се срамат од изразувањето на својата сексуалност или уште полошо – да уживаат во неа.

Голем дел од пациентките на Фројд од елитните кругови пателе од „хистерична парализа“, односно не можеле да одат, а немале никаква физичка причина за тоа.

Фројд сметал дека причината зошто овие жени не оделе била само желба да привлечат внимание.

Ако вниманието од другите луѓе ни е толку потребно, зарем не е подобро да споделиме неколку бесрамни селфи фотографии?

Можеби е, но тоа не значи дека не постои нешто нездраво во оваа опсесија, не само за оние кои прават селфи, туку и во однос на тоа како селфињата влијаат на другите.

Селфи фотографиите најчесто се прават за да се покаже најдобрата страна од животот, внимателно се режираат, се бираат и се средуваат. Опкружени сме со фотографии на луѓе со совршени животи и совршени тела.

Новите истражувања покажуваат дека поради нив се чувствуваме позавидливи, поизолирани, понесигурни и невклопени.

Со зборовите на Фројд – селфињата нѐ прават невротични.

Фројд рекол: „Целта на психоанализата е да го замени невротичното патење со нормална човечка несреќа.“

Следен пат кога ќе посакате да направите селфи, сетете се на Нарцис и наместо кон селфито, насочете се кон пријателите. Можеби нема да добиете „лајкови“ колку што посакувате, но ќе го добиете „одобрувањето“ од Фројд, а тоа не е воопшто за занемарување.