Како после овие зборови, искажани од поетот само некој ден пред да замине кај Бога, од денешен аспект и со наши очи гледано, да кажете што бил тој? Бугарин, Ерменец или Македонец, или едноставно човек кој не можел да го трпи ропството на луѓето што ги сметал за свои браќа и кој се восхитувал од нивниот хероизам. И човек, кој не ги уценувал тие што ги сметал за браќа
Дарко ЈАНЕВСКИ
„Драги Тодоре,
Прости ми, нека ми простат и сите други, што ја изневерувам Македонија. Јас умирам тука. Ќе легнам крај мојата мила Лора. Те прегрнувам, длабоко трогнат од грижите шо ги покажа за мене во време на деновите на големите искушенија. Ти благодарам за тие деветсотини левови помош од организацијата, без кои одамна ќе умрев од глад, наместо од куршум, како што ми прилега.
Кажи и на Македонија, кога ќе отидеш таму, дека нејзиниот син (јас се сметам за нејзин), ќе умре во слободна Бугарија, обременет со една тешка клевета. И кога Македонија ќе биде слободна, нека еден другар дојде на гробот и нека каже: „’Поздрав од нашата мајка маченица – таа веќе е среќна!
Предај ги моите срдечни поздрави на домашните.
Силно ги стискам рацете на Христо Матов, Христо Татарчев и Александар Протогеров.
Те прегрнувам. Збогум.
Твој Пејо
Во тие денови на тешкотии, јас не можев да ги средам сметките. Те молам, нареди да се направи тоа што го сметаш за правилно!“
Ова се прошталните зборови што Пејо Јаворов му ги напишал на челникот на ВМРО, Тодор Александров во последниет денови од октомври 1914 година. Веднаш потоа,а на денешен ден – 29 октомври, пред 104 години, тој се самоубил.
ДРУГО ВРЕМЕ
Пејо Јаворов е бугарски поет, Ерменец по раѓање, но и член на ВМРО, член на ЦК на организацијата во одреден период и задграничен претставник. Но, тоа што го прави посебно значаен за Македонија, иако меѓу Македонците е речиси непознат, е фактот дека е првиот биограф на Гоце Делчев. Јаворов бил во четата на Делчев во текот на последните месеци од неговиот живот во 1903 година, што му овозможило секојдневно да го следи човекот кој се смета за идеолог на македонското револуционерно движење и да ја објави неговата биографија уште во 1904 година.
Јаворов е Бугарин со ерменско потекло. Роден е во с. Черпен, десетина километри од Пловдив. Но, токму тој човек жали што ја изневерил Македонија затоа што умира во Софија, во Бугарија, наместо во земјата чиј син се смета. Не се сомнева дека еден ден Македонија ќе биде слободна, но не го пишува и тоа што од еден велико Бугарин би се очекувало: дека слободата ќе доведе до долго очекуваното обединување на бугарскиот народ! Не, Јаворов само бара од Александров, кога тоа ќе се случи, еден од другарите да дојде на неговиот гроб и да му го донесе поздравот од мајката маченица, од Македонија, која сега е среќна!
ТРАГИЧНА ЉУБОВ
И како сега, после овие зборови искажани од поетот само некој ден пред да замине кај Бога, од денешен аспект и со наши очи гледано, да кажете што бил тој? Ерменец, Бугарин или Македонец или и трите заедно, или пак, едноставно човек кој не можел да го трпи ропството на луѓето што ги сметал за свои браќа и кој се восхитувал од нивниот хероизам. Него, Бугарите, со право го сметаат за еден од своите најголеми поети, но токму тој, се смета за син на Македонија и токму тој жали што умира во Бугарија! Денес, тешко дека некој и во Бугарија и во Македонија, оптоварен со нашите поделби, може да ја сфати таа широчина.
Неговата смрт е посебна приказна, која, да имавме малку ум, ќе претставуваше инспирација за десетици и десетици современи поети и писатели. Јаворов бил вљубен и оженет со поетесата Лора Каравелова (дента кога се венчале, ни неполн час по церемонијата, заминал во својата соба, но не на првата брачна ноќ, туку ја облекол четничката униформа и тргнал за Македонија, оставајќи ја една од најубавите жени во Бугарија).
Лора е втора сопруга на Јаворов. Првата, Мина Тодорова, умрела од туберклоза. Лора била извонредно убава жена, за што сведочат и зборовите на мајката на Тодор Александров, Марија:
„Јаворов често доаѓаше во нашиот дом да се види со Тодор. Два-три пати дојде со Лора. Нејзината убавина не порази. Таа беше толку убава што две од моите ќерки, кои ја видоа, цела седмица зборуваа за нејзе. Не знам зошто, но јас се плашев од нивниот брак. Како да претчувствував дека нешто лошо ќе се случи“.
Јаворов со Лора
Во 1913 година, Лора Каравелова, во присуство на Јаворов, додека тој лежел на креветот во нивната соба, се самоубила. Во следниот момент, Јаворов го зел пиштолот и испукал кон себе, но не успеал да се самоубие, туку само делумно ослепел. Бугарското обвинителство и судство не биле убедени дека тоа е така и го товареле за убиство. Не можејќи да го издржи тој товар, таа „најгнасна клевета“, како што самиот рекол, непосредно по пишувањето на проштални писма во октомври 1914 година, се самоубил. „Јас ќе легнам крај мојата мила Лора“, му пишал на Александров. А на своите домашни им порачал да го погребаат во четничката облека: „Ако не умрам во Македонија, тогаш барем да умрам така како што бев приготвен за нејзе“. И со тоа и ставил крај на својота борба за Македонија, но и на една од највеличествените љубовни приказни што народите од овие простори ја познаваат.
Кој му помогнал на поетот да се самоубие?
БОРБА ЗА ЧИСТИОТ ОБРАЗ НА МАКЕДОНЕЦОТ
ВМРО никогаш не сметала дека Јаворов е убиецот на Лора. Тодор Александров и сите тогашни челници на организацијата верувале во тврдењето на поетот дека тој не пукал во својата жена во излив на љубомора како што сметало бугарското обвинителство. Истовремено, блискиот круг на луѓе околу него, пред се Александров, но и другите, се повеќе станувале свесни дека тој има намера да си го прекрати животот. Војводата Милан Матов, ги пренел зборовите на брат му Христо во врска со ова:
„Опасно е, тој може да најде оружје и да си ги прекрати маките. Ако беше подобар со очите, ќе беше при себе и ќе беше полезен за општеството. Страв ми е да не се излажеш да му дадеш пиштол. Знам дека сте блиски…“.
Тодор Александров со ослепениот Јаворов
Затоа, по неговото самоубиство, била спроведена вистинска истрага за да се утврди како биографот на Делчев го набавил пиштолот со кој се самоубил и отровот што го испил. Неговата роднина, Ганка Најденова Стоилова која со децении ги чувала во тајност белешките на Јаворов, за ова разговарала и со Ванчо Михајлов и еве како го запишала тој разговор, кој за прв пат станал достапен за јавноста во деведесетите години од минатиот век:
„Си споменувам на мојата средба со Иван Михајлов во 1942 година. Разговорот започна за Јаворов. Михајлов говореше за длабокото пријателство на Тодор Александров со него. Го прашав дали знае кој од Македонците му го дал отровот на поетот.
– Не верувам дека е Македонец – одговори тврди тој, – најмалку Александров. Нема Македонец кој би му помогнал на Јаворов да посегне по животот. Штом Јане Сандански не го уби… Не заборавајте дека тој учествувал во судири во Македонија и бил подготвен за таква смрт. Во плевната во Голешево, сигурно немаше живи да се предадат на турската потера. Но, и таму, секој од другарите би застанал пред него за да го прими куршумот насочен кон Јаворов. Вие треба да напишете книга за Јаворов. Во таа книга треба да го одречете нашироко распространетиот глас дека тој ги добил отровот и револверот од Македонците. Тоа е невозможно…!
Куќата – музеј на Јаворов во Чирпан
Го слушав тој човек, чија мрачна слава меѓу Македонците беше создадена со други дела. Можно ли е да го однел животот на толку многу луѓе човекот (мисли на Ванчо Михајлов, н.з.) кој со таква упорност се бори за чистото име на македонските дејци“, се сеќавала Најденова.
Истрагата на ВМРО не дала резултите. Но затоа продолжила борбата за името на Јаворов. Зашто во неговиот тестамент тој запишал:
„Се колнам во гробот на мајка ми, дека во истрагата ја кажав вистината за смртта на жена ми“. И во тие негови зборови, Тодор Александров и целото ВМРО верувале безрезервно.
Последна желба
ДАФИНА НАД МЕНЕ, ЈАВОР НАД ЛОРА
„Кога ќе дојде среќниот ден да отидам кај нејзе, ден што јас го чекам со нетрпение, ги молам пријателите да наредат да бидам погребан до Лора. Над мене да се засади една дафина, а над неа еден јавор… Еден бршлен да ги сврзува двете дрвја и да биде посаден и розов храст. И поставете еден скромен камен или крст – и напишете ги нашите имиња…“, побарал Јаворов од своите другари во тестаментот.