Дарко ЈАНЕВСКИ

Изгледа дека откако Зоран Заев го потпиша договорот со Бојко Борисов, дежурните комуњарски пронаоѓачи на Бугари и бугараши во Македонија се заморија и замолкнаа. Штета. А, има толку многу да се каже за оваа работа, што се чини, не е фер проблемот да се остава така недовршен. Ама Заев потпиша и овие станаа риби. Да беше Грујо потписник, ех, друга приказна…
Инаку, одамна не сме имале можност да гледаме повторување на еден од постарите македонски филмови – ‘Најдолгиот пат’. Во прашање е екранизација на сеќавањето на Крсте Иванов Наумовски од село Врбјани за начинот на кој неколку стотини затвореници од Дебарца, во 1903 година биле однесени во затворот во Дијарбакир, град во Турција кој е блиску до границата со Сирија и кој се наоѓа во област населена со Курди (со години барав погоден момент да направам репортажа од Дијарбакир, од ѕидините на затворот, но за жал до тоа не дојде…, забелешка на авторот). Веројатно малкумина во Македонија знаат дека на тој пат, од кој голем број од нив не се вратиле, биле испратени и тројца членови на семејството Црвенковски од село Слатино, предци на сегашниот пензиониран претседател на „РСМ“ кој сега води некаков клуб на истрошени бивши претседатели од Балканот, Бранко Црвенковски.
Во март 1903 година се случила т.н. Арбинска афера. На 28 тој месец, Дејан војвода со својата чета, во која биле и тројца четници од Слатино – Ѓурчин Петров, Иван Савески и Дабе Христов – бил опколен од турски војници. Дејан војвода не сакал да отвори оган на Турците затоа што тие биле побројни, а ре~иси било сигурно дека ако се пука, после тоа ќе биде запалено и селото Арбино. Поради тоа четата се поделила на три групи, сите тргнале самостојно да бараат излез од обрачот, а потоа имале договорено зборно место. Но, таму не се појавил Ѓурчин, а се проширил глас дека тој загинал. Затоа Дејан решил да се одмазди, ги нападнал Турците и така отпочнала нерамноправна битка.
Но, се покажало дека пуштениот глас за Ѓурчин бил грешка. Тој не загинал туку бил само ранет. Кога разбрал дека Дејан започнал борба, успеал да се врати назад со засилување од луѓе меѓу кои биле и педесетина жители на с. Слатино. На помош стигнал и кичевскиот војвода Наќе, па иако и Турците добиле засилување, соочувајќи се со пораз, морале да се повлечат. Битката веќе била завршена кога стигнала и четата на Јордан Пиперката кој продолжил да го гони аскерот, а Дејан војвода и Ѓурчин останале да ја прослават победата. Селаните биле предупредни да го закопаат оружјето, да се вратат на нивите и, во очекување на казната од Османлиите, да се однесуваат како да немаат врска со нападот врз турската војска.
По неколку дена, стигнал турски полк од 1.200 војници, но за среќа, палења и убиства немало – се се’ свело на предупредување во иднина да не се крева бунт против султанот. За жал, веднаш потоа стигнала нова наредба од Битола, па на 4 април 1903 година Турците ги опколиле сите села во Дебарца и собрале повеќе од 200 лица, меѓу нив и 19 луѓе од Слатино. Ги одвеле во Охрид, оттука во затворот во Битола, па во Солун, за на крај да ги испратат во затворот во Дијарбекир.

Низ пустините кон Дијарбекир

Меѓу 19-те слатинци имало и тројца членови на семејството на Црвенковски – Петре, Поте и Наум. Петре му е директен прадедо на Бранко Црвенковски, значи татко на неговиот дедо, Поте е брат на Петре и прачичко на Бранко, а Наум е нивен братучед.
Сите тројца како заробеници тргнале за Дијарбакир. За жал, Петре, кој е директен предок на Бранко (татко е на дедото на Бранко, Козме) умрел непосредно пред стигнувањето во Дијарбакир, па не е евидентиран во документите на тамошниот затвор.
Неговиот брат Поте бил член на селскиот комитет во Слатино оформен по налог на охридскиот ревеолуционерен округ, а како комита бил член и на слатинската чета. Бранков предок, па комита, под раководство на ВМРО – ете и тоа чудо постоело пред стотина години. Поте, Петре и Наум веројатно биле во оние педесетина што дошле на помош на опколената чета на Дејан војвода, па затоа биле затворени. Поте и нивниот братучед Наум Црвенковски го преживеале Дијарбакир и двајцата се пуштени наредната година кога султанот на 12 април 1904 година прогласил амнестија. Таа амнестија оставила и пишан документ за затворениците од Македонија (не Северна, туку Македонија) – дефтерот на затворот во Дијарбакир во кој се евидентирани вкупно 204 затворени, па ослободени лица. Дефтерот, при истражување во Истанбулскиот архив го открил м-р Драги Ѓоргиев (сегашниот преговарач со Бугарија за менување на нашите учебници по историја), а потоа, заедно со дефтерите од битолскиот, скопскиот и солунскиот затвор, ги објавил во книгата ‘Амнестираните илинденци’, објавена во 2003 година од страна на Архивот на РМ, кога негов директор беше социјалемдократот Атанас Вангелов (подоцнежен амбасадор на РМ во Унгарија). Тоа што е интересно е првиот лист од дефтерот од затворот во Дијарбекир кој започнува буквално со следните зборови:

‘Ова е дефтер кој ги објаснува имињата, видот на престапот и времетраењето на казната на лицата – Бугари, кои се затворени во Дијар Бекир и кои се удостоени со возвишената амнестија за нивно ослободување.’ Тоа значи дека станува збор за пишан документ во кој, меѓудругите, и предците на Црвенковски се запишани како Бугари. Ако им се верува на Турците, тогаш консеквентно на тоа, човекот кој ја вршеше функцијата претседател на Македонија и кој беше премиер во три мандати, всушност има бугарска жица! Што ќе рече, Бранко има тапија за Бугарин по потекло.
Навистина, во дефтерот го нема директниот прадедо на Црвенковски, Петре, но тоа е само затоа што тој умрел пред да стигне на одредиштето. Но, Поте и Наум, биле во затворот, изглегле од него и се вратиле во Слатино.
Тоа го велат двете монографии за Слатино, првата подготвена од Миливој Костески за која лично донирал и самиот Црвенковски, и втората подготвена од историчарот Злате Ѓорѓоски. Уште повеќе, во втората монографија пренесено е и личното сеќавање на Поте Црвенковски кој живеел доволно долго, до 1941 година (податоците за дијарбекирскиот пат биле собрани уште во 20-тите години на минатиот век), па неговата дијарбакирска одисеја не може да се негира. Но, сепак, во книгата ‘Амнестирани илинденци’ која го содржи дефтерот на ослободени од турскиот затвор, името на Поте Црвенковски, односно Поте Цветан (така се викал неговиот татко и така го воделе Турците) не може да се најде. Зошто? Каде е Поте кој по враќањето во Слатино живеел уште 37 години? Зошто го нема во турскиот дефтер?
Во книгата амнестирани има деветтмина од Слатино, ослободени со амнестија од страна на султанот. Двете споменати монографии говорат за десет лица. Но, тој, десетиот не е Поте. Според двете монографиии, десетиот слатинец кој го преживеал затворот најверојатно е Ѓорги Кочовски. Значи десетиот не е Поте, и него мора да го има во турскиот дефтер, но со поинакво име. Кој е тој?
Забуната веројатно ја решава слатинецот Коте Црнко осуден на пет години робија заради ‘давање засолниште на бугарските разбојници’. Запишаното во турскиот дефтер би требало да значи дека во прашање е лице со име Коте и татково име Црнко. Но, и по детална проверка во двете монографии кои се однесуваат на Слатино, такво нешто не може да се потврди. Коте Црнко не постои, а него го нема ни во спискот на 10-те слатинци кои се вратиле од Дијарбакир објавен во двете монографии. Останува да се заклучи дека ова лице веројатно е Поте Црвенковски, иако во крајна линија, тоа и не е толку битно, освен доколку не сакате да видите како изгледал прароднина на Црвенковски.
Инаку, Поте Црвенковски по враќањето во Слатино раскажувал дека брат му Петре (дедото на Црвенковски по права линија) починал на неколку километри пред Дијарбакир. Претходно тие се прегрнале давајќи си заклетва, на што реагирал чаушот кој претходниот ден го казнил Петре така што наредил да го влечат маските што го носеле оружјето. ‘Што сега. вие пак против царштината се колнете’, извикал чаушот и го зел камшикот. На тоа Поте одговорил: Не чауш ефенди, брат ми сакаше нешто да ми пренесе, ама ете, целиот крвав и изнемоштен само плаче и не вели ништо’.

Уште Поте не завршил со овие зборови, а Петре се струполил на земја. Како што раскажувал Поте, негова последна желба била да не ги дели неговите две деца додека Козме, дедо на Бранко Црвенковски не се ожени (Козме подоцна се оженил со Трена Томеска и очигледно нејзиното име го носи сестрата на Црвенковски, Тренкица) и Стојна не се омажи. Поте, во моментот на смртта на братот во себе имал 3 гроша, од што еден им дал на водачите на патот за да го погребат брат му како што треба, со вториот грош купил на враќање еден котел од 25 литри кој, според наведеното во неотпечатената монографија и денес се чува, а третиот го потрошил по пат.
Кога сме веќе кај Бранковиот прачичко Поте, можеби интересна е и следната приказна врзана со него:
Погоре споменатиот Ѓурчин војвода (лажната вест за него всушност довела до пукањето кај Арбино и затворањето на стотици селани од Дебарца), кој бил од Слатино, загинува под чудни околности, застрелан од Зафир Смилески на свадбата на ќерката на Поте Црвенковски, Дољка со Тренко од семејството Тутунарски. Разни извори, односно сведоштва давале разни причини за убиството на Ѓурчин, од тоа дека тој бил застрелан затоа што ја силувал сестра му, па се до тоа дека настрадал поради несогласувања во самата организација. Како и да било, загинувањето на војводата кој за време на Илинденското востание имал задача да го обезбедува патот по течението на реката Сатеска и кој по 1908 година се симнал во селата со четата и почнал да живее нормално, не поминало без семејството на Црвенковски.
Инаку, според монографијата на Злате Ѓорѓоски кој пак, се повикува на податоците од МАНУ (фонд д-р Бранислав Рустиќ), Црвенкоски се доселеници во Македонија. Нивното потекло, според Рустиќ е од Албанија. Бегајќи од албанските банди и од засилената исламизација кој крајот на 18 и првата половина од 19 век, тие се доселиле во Закамен, Малесија (Дебарца). Од Албанија, пристигнале со една поголема група подоцна слатински семјства. Во селото од кое денес водат потекло, запишани се во 1878 година. Постарите потомци кажувале дека од Закамен ги предводел нивниот најстар предок Ниче. Тој ги довел до Црвена Вода, а оттаму во Слатино ги довел нивниот предок Јон. Тој имал три сина, Јон, Марко и Цветан. Јон не ја разгранил лозата бидејќи бил посинет од Русе Врангаловски. Марко е предокот на Црвенковски кој ја разгранил лозата од која потекнува и Наум, човекот кој бил во Дијарбакир, а Цветан е предок на Бранко чии синови се Петре (прадедо на Б.Ц.) и Поте, и двајцата исто така учесници во ‘најдолгиот пат’. Инаку, Поте и Петре имале уште еден брат, Јордан, кој не ја разгранил лозата затоа што во бракот со Наумка немал деца. Фамилијарна слава на Црвенковски била Света Пречиста, а се смета дека презимето го носат по селото од кое дошле во Слатино – Црвена Вода.