Вкупно 96 дојдовни и појдовни летови од белгискиот аеродром Шарлроа денеска се откажани поради штрајк на пилотите на ирската авиокомпанија Рајанер.

Околу 17.000 патници беа погодени од штрајкот, кој е организиран поради незадоволство од условите за работа, што е околу 28 отсто од вкупната очекувана бројка, соопшти управата на аеродромот.

Пилотите на аеродромот во Белгија, каде им е базата, велат дека компанијата не сака да го почитува колективниот договор кој предвидува одреден број слободни денови во замена за намалување на платите прифатено во 2020 година за време на кризата со Ковид.

Синдикатите на пилотите го обвинуваат Рајанер дека не ги почитува белгиските закони и профитира од „социјалниот дампинг“ што овозможува нелојална конкуренција.