Шалтерите за поднесување барање за издавање на изводи од матичната книга на родени, венчани, умрени од денеска нема да работат додека не им се покачат платите.
Од Независниот синдикат за водење на матични книги велат дека се решиле за штрајк оти никој не го вреднува нивниот труд, а последниот извештај на Државниот завод за ревизија утврди многу неправилности во работењето на Управата за водење матични книги. Освен финансиски неправилности, Државниот завод за ревизија утврди и дека само во 2019 година Управата издала погрешни 21.957 изводи.
Граѓаните реагираат дека поради работата или како што велат неработата на вработените во оваа управа се соочуваат со губење на време. Се чека, се добиваат погрешни документи, мора да се оди по неколку пати, а сето тоа може да се заврши електронски – сметаат граѓаните.
Забелешки од граѓани за работата на оваа служба објави порталот Скопје инфо, од кои некои ги пренесуваме:
„Пред да излезете да штрајкувате, проценете ја ефикасноста и ревидирајте ја превработеноста на институцијата. За еден документ човек оди по 5 пати; Не знам зошто постои ваква управа. Тоа би требало електронски да се обавува; Управата за матични книги треба да се исчисти од неписмени, корумпирани и лошо организирани вработени; Вадиш извод згрешено име или презиме. Се враќаш неколку пати. Прашуваш на шалтер за нешто да добиеш информација не те регистрира. Си молчат, шетаат. Незнаеш кој работи кој е на пауза; Маж ми се води како неженет во венчаницата, јас пак, како негова жена. Е, тоа е се што треба да знаете за оваа Упрваа и нејзината стручност..“- се дел од забелешките на граѓаните.