Канадската регионална влада во провинцијата Саскачеван прогласи вонредна состојба додека шумските пожари продолжуваат да беснеат во нејзините северни региони поради што се раселени илјадници луѓе.
– Денеска прогласивме вонредна состојба на територијата на целата провинција бидејќи шумските пожари ги загрозуваат нашите заедници и веќе принудија илјадници наши жители да ги напуштат своите домови, напиша на Х Скот Мо, премиер на Саскачеван.
Тој додаде дека ова им овозможило на властите да ги мобилизираат „ресурсите неопходни за безбедна евакуација на жителите на Саскачеван и заштита на заедниците“.
Тоа може да вклучува барање дополнителни ресурси од Отава, како што се персонал, опрема и употреба на војската, според канадската национална телевизија CBC.
Агенцијата за јавна безбедност на Саскачеван соопшти дека заклучно со четврток навечер по локално време, имало 16 активни шумски пожари во провинцијата, од кои три се сметаат за ставени под контрола.
Канадската провинција Манитоба, лоцирана источно од Саскачеван, во средата прогласи вонредна состојба откако шумските пожари принудија околу 17.000 луѓе да ги напуштат своите домови.