Еднократните електронски цигари наскоро ќе бидат забранети во Швајцарија, откако вчера Горниот дом на швајцарскиот парламент – Кантоналниот совет – изгласа поддршка за таква мерка, јави ДПА.

Следниот чекор е Владата да изготви нацрт-закон. Мерката нема да ги засега електронските цигари за повеќекратна употреба кои се полнат.

Т.н. „шарени вејпови“ се особено популарни кај младите, бидејќи често доаѓаат со ароми, како бонбони или шеќерна волна. Освен што предизвикуваат зависност, тие ја загадуваат околината поради штетните материјали што ги содржат, беше истакнато за време на пленарната седница. Еден пратеник нагласи дека наставници пријавиле случаи на 12-годишни деца кои не можат да го издржат часот без да пушат електронска цигара.

Еднократните вејпови се присутни на швајцарскиот пазар од 2020 година, а нивниот увоз расте речиси за 30 отсто годишно.

Во Германија, тие сѐ уште се дозволени, додека ЕУ подготвува забрана до крајот на 2026 година. Во Обединетото Кралство тие веќе се забранети.

фото: архива