Ни металниот призвук во гласот, ни нерафинираниот француски нагласок не ја намалија вредноста на нејзината цврста и сигурна песна. Нејзината драматична интерпретација беше беспрекорна, особено кога ја одигруваше забавната сцена на заведувањето на Раул што го толкува Американецот Џон Озборн.
Вака женевските медиуми го опишаа настапот на македонската оперска дива Ана Дурловски во „Хугените” на германскиот композитор Џакомо Мејербер.
Според швајцарските критичари, Озборн и Дурловски триумфираа во своите главни улоги, под визионерската музичка режија на Марк Минковски.
Како што стои во соопштението до медиумите, операта „Хугените” имаа привилегија да ја видат само околу 1.000 посетители на Гранд театарот во Женева, бидејќи швајцарските власти превентивно, поради опасноста од коронавирусот, забранија поголеми собири.
-Свесни дека денес операта „Хугените” (“Протестанти”) не е возможно да се претстави во оригиналниот облик, режисерите Jossi Vieler и Sergio Morabito одлучиле љубовната приказна помеѓу протестанти и католици, толку испреплетена со историскиот контекст на Meierbeer-овата опера да ја освежат со сместување на дејствието во филмско студио во златното време на Холивуд. Да отидат толку далеку што со многу хумор кој ќе ги олесни трагичните историски моменти во кои се збива дејствието ќе го опуштаат гледачот. За финалето испланирале бурлеска меѓу кралицата Marguerite de Valois (Ана Дурловски) и Raoul Huguenot, што од сите беше опишано како сјаен сценски момент, се наведува во соопштението.