Шведската крајбрежна стража потврди, по извршената инспекција, дека веќе не се гледа дека истекува гас од гасоводот Северен тек.

„Истекувањето на гас во ексклузивната економска зона на Шведска повеќе не е видливо“, соопшти крајбрежната стража, по извршената контрола на областа, пренесува СЕЕбиз.

Официјални лица во средата рекоа дека сè уште може да се забележат меурчиња со гас кои излегуваат од гасоводот Северен тек 2, создавајќи бранови во водата со големина од околу десет метри.

На крајот на септември, гасоводи беа оштетени во експлозии на четири места, две во шведските води и две во данските води. Данските власти претходно објавија дека не веруваат дека сè уште тече гас од делови од гасоводот во нивната економска зона.

Се верува дека станува збор за саботажа и е отворена истрага.