Да бидат прогласени за виновни Мијалков и полициските алфи, бара Обвинителството. Смета дека доказите во предметот „Тортура“, укажале дека апсењето на Љубе Бошковски било понижувачко и по наредба на првиот човек на УБК.
Според одбраната, погрешно било тврдењето на Обвинителството дека апсењето имало политичка позадина, бидејќи случајот со нелегално финансирање на кампањата на Бошковски бил во рацете на истражните органи.
„Сведокот Митко Чавков потврди дека акцијата е водена директно по наредба на јавен обвинител, бидејќи за кривичното дело за кое Бошковски беше осуден, а тоа е „Кампања“, биле спроведени посебни истражни мерки. На овој начин тој докажа дека ниедна од тезите кои се наведени како дејствија на извршување во обвинителниот акт не соодветствуваат со она што е изведено како доказ во оваа кривична постапла“, изјави Љупчо Шврговски, Адвокат.
„Не можело да се темпира точното време на акцијата, ниту се точни претпоставките на обвинителот дека токму после изборите било извршено апсењето и дека постои мотив за политички реваншизам“, изјави Петар Василев, Адвокат.
Мијалков и шестемина полициски алфи се обвинети за мачење и друго нечовечко дело. Казната за тоа кривично дело е од три до осум години затвор.