Кинескиот претседател Си Џинпинг изјави дека на земјата и е потребна безбедност за да се развива.
– Треба да ја модернизираме армијата за да ја направиме „голем челичен ѕид“, рече Си.
Во својот прв говор откако беше формално избран за претседател трет пат по ред, Си ја повика Кина да ја зајакне националната безбедност.
– Безбедноста е основата на развојот, стабилноста е предуслов за просперитет, рече Си на затворањето на годишната седница на парламентот.
Кинеската владејачка Комунистичка партија се очекува да го заостри партискиот надзор над безбедносните прашања, откако Си смени некои од неговите највисоки безбедносни функционери со доверливи соработници, пишуваат западни медиуми.
Си, исто така, порача дека Кина мора да биде посамостојна и да го зајакне својот научен и технолошки сектор, откако САД го блокираа пристапот на Пекинг до производството на чипови и најновите технологии.