Кинескиот претседател Си Џинпинг го предупредил американскиот лидер Џо Бајден да не си игра со оган при нивниот прв разговор по информациите за можната посета на претседателката на претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, на Тајван, пишуваат светските медиуми.
Во соопштението објавено од Министерството за надворешни работи на Кина по телефонскиот разговор помеѓу претседателите, Си Џинпинг не ја спомнува директно можната посета на Пелоси, но порачува дека неговата администрација „апсолутно ќе го чува националниот суверенитет и територијалниот интегритет на Кина“.
– Тие што си играат со оган, ќе настрадаат од него. Се надеваме дека САД ќе бидат разумни во врска со ова – порачал кинескиот претседател.
Кинеското министерство го цитира и Бајден кој истакнал дека вашингтонската политика „Една Кина“ не е сменета, како и дека неговата администрација не ја поддржува независноста на Тајван, што Пекинг го смета за своја територија.
Член на администрацијата на Бајден истакнува дека Кина и претходно ја користела реториката за огнот, при разговорите за Тајван. Белата куќа исто така не ја спомнува можната посета на Пелоси, во соопштението за разговорот. Но во него се вели дека Бајден потенцирал оти „политиката на САД не е сменета и дека Америка силно се спротивставува на унилатералните напори за менување на статусот кво или за подривање на мирот и стабилноста во Тајванскиот Теснец“.
Повикот траел два часа, а американски претставник го оквалификува разговорот во кој бил упатен, како „директен и искрен“, додавајќи дека лидерите всушност се согласиле помеѓу САД и Кина постојат разлики во однос на Тајван, но дека се справуваат со нив повеќе од 40 години“. Бајден и Си Џинпинг разговарале и за војната во Украина, како и за полињата за можна меѓудржавна соработка.
Администрацијата на американскиот претседател соопшти дека разговорот е дел од напорот за смирување на зголемените тензии помеѓу двете држави. Бајден и Си Џинпинг ги задолжиле нивните тимови и за организирање на средба во живо.