Финска и Шведска сакаат да влезат во НАТО, а Турција е против тоа, па е можно да биде исфрлена од НАТО, вели колумнистот на Си-ен-ен, Дејвид Анделман.
Тој додава дека веќе имало многу размислувања за нејзино исфрлање од Алијансата, особено откако пред три години купи руски системи за противвоздушна одбрана С-400.
Во исто време, тој вели дека таквиот потег може да ја ослаби позицијата на НАТО во стратешки важен регион, пренесе РИА Новости.
„Малкумина сакаат да ризикуваат да ја загубат најголемата постојана армија по САД од НАТО, особено онаа што го контролира стратешкиот Босфор и има пристап до Црното Море“, истакна новинарот на Си-Ен-Ен.
Од друга страна, министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн, вели дека не верува оти Турција ќе го блокира влезот на Финска и Шведска во НАТО и покрај изјавата на турскиот претседател.
За влез на Финска и Шведска во НАТО мора да се даде согласност од секоја од 30-те земји членки на алијансата. И Ердоган ги прекорува двете нордиски земји дека покажале попустливост кон курдските бунтовници на Курдистанската работничка партија (ПКК), која Турција ја смета за терористичка организација.