Четири жени во топлес денеска протестираа во Сиднеј во знак на поддршка на Саудијката Рахаф Мохамед Ал-Кунун, во момент кога Австралија почнува да го разгледува нејзиното барање за престој во земјата како бегалка.
Жените кои себеси се нарекуваат „Тајно сестринство“, облечени само во фармерки, протестираа пред саудискиот Конзулат во центарот на Сиднеј, повикувајќи ја Австралија да и одобри престој на Ал-Кунун.
Ал-Кунун (18), која во понеделникот одби да се качи на лет од Бангкок до Кувајт и се забарикадира во својата хотелска соба во Бангкок, вчера од Обединетите Нации доби статус на бегалка.
Таа не сакаше да се врати дома, затоа што рече дека се откажала од исламот, што во Саудиска Арабија се казнува со смрт.
ОН соопштија дека нејзиниот случај го презела Австралија, поради можна промена на престој.
Таа го објави својот случај на социјалните мрежи откако се забарикадира во својата хотелска соба во Бангкок, истакнувајќи сека се плаши за својата безбедност доколку биде вратена назад кај нејзиното семејство во Саудиска Арабија.
Основачката на тајното сестринство Џеки Лав изјави дека тие одлучиле да се појават во топлес, затоа што верува дека жените треба да можат да се изразат слободно и безбедно и оти сакала да и испрати порака на Рахаф дека жените тоа можат да го прават во Австралија.
Австралиската министарка за надворешни работи Мариз Пејн денеска изјави дека нема временски рок за проценка на случајот на Ал-Кунун.
– По препораките на УНХЦР, Австралија сега поминува низ чекори кои мораме да ги направиме во врска со процесот за проценка и ќе објавиме кога се ќе биде комплетирано, рече Пејн.