Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска изјави дека новите, зголемени царини на САД за увоз од Европската Унија ја докажуваат и неспособноста на раководството во Брисел, и дека е време за патриотски пресврт.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно денеска објави дека Европската Унија од 1 август ќе се соочи со царина од 30 отсто.
Министерството за надворешни работи на Унгарија во соопштение го цитираше Сијарто кој наведе на социјалните мрежи дека мерката преземена од САД е уште еден доказ за целосната неспособност на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и на самата ЕК, пренесува МТИ.
– Оваа неспособност веќе предизвика многу штета и проблеми за Европа во последните неколку години, а сега имаме уште еден неуспех: Урсула фон дер Лајен и Европската комисија не успеаја да издејствуваат поволен трговски договор со американската администрација и повторно страдаат европската економија, европските компании и европските граѓани, истакна Сијарто.
Според него, царините на ЕУ кон САД требало веднаш да се намалат откако Доналд Трамп ја презеде должноста.
– Урсула фон дер Лајен и Европската комисија тоа не го сторија, и ние, Европејците, повторно страдаме поради тоа, рече тој и нагласи дека е време за промени во Брисел и дека „патриотите конечно треба да ги заменат луѓето како Фон дер Лајен“.