Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто изрази загриженост поради говорот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен за состојбите во ЕУ, истакнувајќи оти постои ризик да се вовлече ЕУ во украинскиот судир.

– За разлика од претседателката на ЕК, ние Унгарците не сакаме Европа да биде во војна. Исклучително сме загрижени поради чекорите преземени кон ескалација на војната, наведе Сијарто на прес-конференција по состанокот на мешовитиот економски комитет Унгарија и Белорусија.

Тој додаде дека постои голема потреба за дијалог, а одлуките да се носат со „здрав разум и ладна глава“

Сијарто посочи и дека актуелната унгарска Влада е гаранција дека земјата нема да биде вмешана во војна.

– Ние, Унгарците се залагаме за мир. Во текот на овие 3,5 години секогаш сме се залагале за прекин на огнот и мировни преговори, поради што Будимпешта трпи навреди, наведе Сијарто.

Тој додаде дека поголемиот број европски политичари се залагаат за продолжување на војната наместо да тежнеат кон мир.

Лајен денеска во Европскиот парламент го одржа годишниот „Говор за состојбата на Унијата“ при што наведе дека Украина денеска се бори за слобода и независност, што мора да заврши со праведен и траен мир. Според неа слободна Украина значи слободна Европа.

Централното прашања денес е едноставно – дали Европа има желудник за таква борба, истакна Лајен.