Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на маргините на Парискиот мировен форум 2026, оствари средба со претседателот на Република Литванија Гитанас Науседа, на која разговараа за процесот на проширување на Европската Унија, состојбите во Западен Балкан и македонските предизвици на патот кон членството во Унијата, соопшти кабинетот на претседателката.
Сиљановска-Давкова го поздрави денешното отворање на првата резидентна Амбасада на Република Северна Македонија во Вилнус изразувајќи очекување за продлабочување на политичката, економската и институционалната соработка меѓу двете земји.
Соговорниците разменија мислења за претстојното литванско претседавање со Советот на ЕУ, кое започнува во јануари 2027 година, при што се согласија дека реформите и исполнувањето на Копенхашките критериуми треба да бидат клучните параметри за членство на земјите-кандидатки во Унијата, а билатералните прашања не треба да претставуваат пречка во процесот на проширување.

Претседателката посочи дека соседите можат да имаат позитивна улога во европската интеграција на регионот наведувајќи го примерот на скандинавските земји, кои целосно ги поддржаа балтичките држави пред нивното зачленување во Европската Унија во 2004 година.
Таа го информира литванскиот претседател за чекорите што ги презела Македонија на патот кон ЕУ, како и за предизвиците со кои се соочува земјата од добивањето на кандидатскиот статус во 2005 година до денес.
Сиљановска-Давкова истакнала дека продолжуваат македонските напори за воспоставување конструктивен дијалог со соседна Бугарија, но нагласила дека за напредок во процесот неопходно е двете страни да пристапат со добра волја, се вели во соопштението од нејзиниот кабинет.




