Најмалку 19 лица загинаа, 134 се повредени, а 12 се водат како исчезнати по силниот земјотрес што утринава го погоди јужниот дел на Филипините, соопштија властите.

Земјотресот со магнитуда од 7,8 степени се случи во 7:37 часот по локално време, соопшти Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија (ФИВОЛКС).

Епицентарот e лоциран југозападно од градот Маасим во провинцијата Сарангани, на островот Минданао.

Портпаролот на Канцеларијата за цивилна одбрана, Џуни Кастиљо, изјави дека досега се потврдени 19 смртни случаи, додека 12 лица сè уште се водат како исчезнати.

Особено погоден e градот Генерал Сантос, со околу 70.000 жители, каде што се регистрирани значителни штети.

Потресот бил почувствуван и во делови од Индонезија, особено на островот Сулавеси, каде што беше издадено предупредување за цунами. Слично предупредување беше издадено и за делови од пацифичкиот брег на Јапонија.

Геолошкиот институт на САД првично ја процени магнитудата на 8,2 степени, но подоцна ја ревидираше на 7,8 степени. Подоцна беше укинато и предупредувањето за цунами.

Според американскиот институт, земјотресот се случил на релативно мала длабочина од 55 километри и бил проследен со бројни последователни потреси.

Филипинските власти подоцна ја укинаа тревогата за цунами, откако беа регистрирани бранови високи до 1,5 метар во шест крајбрежни подрачја.

Во источните делови на Индонезија беа измерени помали цунами-бранови, но нивото на морето се зголемило само незначително, по што и таму беше укинато предупредувањето.

Обемот на материјалната штета сè уште не е целосно утврден.

Снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат урнати или делумно урнати згради во регионот Минданао.

Според филипинската агенција за управување со катастрофи, во погодените подрачја се прекинати снабдувањето со електрична енергија и телекомуникациските услуги.

Наставата во училиштата е откажана, а работата е прекината и во државните институции и во приватните компании.

Земјотресот се случи на првиот ден од новата учебна година, за време на церемониите за подигање на знамето, поради што голем број ученици, наставници и вработени веќе биле надвор од зградите.

Директорката на Националното средно училиште во Матанао, Елен Мари Џејн Гамбоа, изјави дека една од училишните згради се урнала.

„Фала му на Бога што бевме на церемонијата за подигање на знамето и што сите беа надвор“, изјави таа за радиостаницата ДЗММ.

Филипинскиот претседател Фердинанд Маркос Помладиот веднаш нареди спроведување мерки за помош и заштита и ги повика граѓаните да ги следат упатствата на властите.

Минданао се наоѓа во Пацифичкиот Огнен Прстен, област со интензивна тектонска активност каде што земјотресите и вулканските ерупции се честа појава.