Пратениците го донесоа Законот за употреба на македонскиот јазик кој ќе го замени досегашниот од 1998 година. Законот беше дополнет со прифатени амандмани на матичната собраниска Комисија за култура и донесен во целина со гласовите на сите 96 присутни пратеници на 139-та седница, која ја водеше новоизбраниот претседател на Собранието Јован Митрески, без против и без воздржани гласови.
Законот пропишува задолжително лекторирање на сите материјали, со објавување на името на лекторот, задолжително вработување лектори во сите јавни институции и органите на власта, во државни институции, училишта, издавачки куќи, медиуми, со што се очекува да се зголеми и интересот за студирање македонски јазик. Ќе се формира и Инспекторат за надзор над примената на законот.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во излагањето пред гласањето рече дека со многу труд, посветеност и ентузијазам успеале да ги исполнат заложбите за заштита и унапредување на македонскиот јазик. Посочи дека по неколку незначителни измени на досегашниот закон, стар 25 години, новиот закон нуди решенија и механизми за градење соодветна јазична политика, дополнителни механизми во функција на зајакнувањето на почитување на македонскиот стандарден јазик и неговата правилна употреба.
-Денес правиме вистински потфат во унапредување на јазикот и зајакнување на македонскиот идентитет. Односот кон јазикот јасно ги покажува нашите намери и на сите оние кои учествуваа во транспарентната постапка на негова подготовка. И на јазикот се кршеа копја и се водеше политикантство, но покажавме дека со јазикот, културата и македонскиот идентитет нема компромиси. Со изгласувањето на овој закон, не добиваме само нов и современ закон за македонскиот јазик, туку и пример како треба да се изработува еден правен акт кој е од заеднички интерес, а тоа е со широка јавна дискусија и соработка на сите засегнати страни, истакна Костадиновска-Стојчевска.
Рече и дека новиот закон дава правна основа за да се донесе национална стратегија за македонскиот јазик, а од него произлегуваат и важни иницијативи, како стипендирање ученици од четврта година средно образование и студенти на додипломски, магистерски и докторски студии со што смета дека се прави голем исчекор кон мотивирање на младите за проучување на македонскиот јазик.
Гордана Силјановска-Давкова од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во расправата кажа дека е направен „голем чекор напред“ и дека „ова е почеток на успешна приказна“ затоа што, како што рече, секојдневно се соочуваме со непочитување на македонскиот јазик во државни институции и дека новиот закон „ќе нѐ насочи кон потребата од негово зачувување“.
Посочи дека во дискусијата се прифатени амандмани, но остануваат, рече, недовршени работи. Смета дека е многу подобро членовите на Советот за македонски јазик „да се регрутираат“ од најважните институции за заштита на јазикот, и самите тие да го избираат претседателот на Советот, а не тоа да го прави Владата. Исто така, рече дека „нема разбирање од бегањето од поимот македонистика“.
Силјановска-Давкова рече и дека била восхитена од изјавата на бугарскиот преведувач на македонска современа литература Пламен Тотев дека „неверојатно уживал во читање и споредување на македонската и бугарската белетристика“ и дека „во македонскиот јазик препознава и признава европски тенденции од зачетоците до денес“.
-Тоа е добра волја и сѐ додека има вакви изјави има надеж за меѓусебно разбирање. За жал, претседателот на Собранието извештајот за негова работа го презентираше прво напишан на албански, отпечатен од Собранието, потоа на македонски јазик. Не очекувам од него уставен патриотизам, но очекувам почитување на Уставот и Рамковниот договор каде пишува дека македонскиот јазик е службен на целата територија на државата и во меѓународните односи, рече Силјановска-Давкова.
Ѝ реплицираше пратеничката Снежана Калеска-Ванчева од СДСМ која рече дека тие „не бегаат од поимот македонистика“ и дека се надева дека „ќе остане во минатото и нема да се повтори газењето на македонскиот јазик, целосна непочит кон творецот, таткото на современиот македонски јазик Блаже Конески, кој не така одамна беше нарекуван ’џуџето од Небрегово’“.
Ја потсети и дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не гласале за Договорот Фронтекс, како што рече, „прв договор на македонски јазик потпишан од 26 земји членки на ЕУ“.
-Не бегаме од поимот македонистика и никогаш нема да доживееме однесување на целосно непочитување на сопствена историја и јазик кој го признава Европската Унија, рече Калеска-Ванчева.
Фото: МИА архива/принтскрин