Денеска го посетив „Спомен-домот на браќата Миладиновци“ во Струга, убава стара куќа во која со слика и реч е раскажана семејната приказна на Миладиновци, објави на својата Фејсбук страница претседателката на Република Македонија Гордана Силјановска Давкова.
Во неа е сместена НУ „Струшки вечери на поезијата“. Таа 65 годишна институција одамна ги пречекори државните и национални граници и стана светски познат културен синоним за врвна поезија и славни поети-лауреати кои по заминувањето, тагуваат по Струга како Константин Миладинов по југ, во духот на културната дипломатија.
Да се избрише националниот карактер на оваа престижна поетска академија и да се сведе на „организациона единица“ во состав на Центарот за култура „Браќа Миладиновци”, за мене е некултурен бирократски чин, којшто, во името на рационализацијата го жртвува врвниот интеркултурен идентитет, поетска меморија, и културна мисија.
Цврсто верувам дека владата нема да застане зад чудниот предлог, пишува претседателката на својата Фејсбук страница.




