Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставнички на „Македонија 2025“, предводени од главната извршна директорка на организацијата, Никица Мојсоска-Блажевски, кои, како што информираат од Кабинетот на претседателката, ја информирале за исходот од годинашниот конкурс за доделување на Признанието за особен придонес на истакнати личности од дијаспората.

Сиљановска-Давкова го поздравила високиот квалитет на пријавените кандидати и принципиелниот избор на наградените, уважувајќи го нивниот реален придонес за државата, и како што информираат од Кабинетот, ја прифатила поканата, и годинава, во својство на покровителка да им ги врачи признанијата на добитниците, во рамките на свеченото отворање на традиционалниот Самит на „Македонија 2025“.

Поради растечкиот интерес на дијаспората за враќање во земјава, но и за поттикнување на младите и валоризирање на нивниот придонес, соговорничките се согласиле дека е добро, во иднина да се воведат две нови категории на награди: за млади и за повратници во државата.

На средбата, Мојсоска-Блажевски укажала и на институционалните проблеми со коишто се соочува дијаспората во процесот на добивање на македонско државјанство.

Во воспоставувањето на Советот за дијаспора, се вели во соопштението, обете препознаваат потенцијал за активно вклучување и влијание на дијаспората во матичната земја. Според Сиљановска-Давкова во него треба да бидат вклучени личности кои го персонифицираат македонското единство и уживаат доверба во македонската дијаспора, којашто ги препознава и вреднува.

Според соговорничките, координираниот меѓуинституциoнален пристап ќе го олесни враќањето на квалификуванитe кадри во татковината.