Синоќа во студиото на Македонската телевизија (МТВ) се одржа единствената дебата на кандидатите за претседател на Република Македонија пред првиот круг на претседателските избори.
На прашањето за принципите на кандидатите за владеењето на правото, борбата против организираниот криминал и корупцијата, Сиљановска-Давкова одговори:
„Сите држави имаат своја мафија, но само во Македонија мафијата има своја држава. Ако застанете зад измените на кривичниот законик и со тоа овозможите амнестија за тешки кривични дела тогаш Вие, господине Пендаровски учествувате во корупцијата. Јас и ВМРО-ДПМНЕ не правевме кворум туку гласавме против измените на Кривичниот законик, факт кој што го констатираше и Делегацијата на Европската Унија во Скопје. Вие велите дека не сте ставиле вето на измените на Кривичниот законик затоа што пратениците и онака повторно ќе го потврделе во повторената постапка. Но, Претседателот треба да стави вето за да го испочитува Уставот и така да не дозволи криминал и корупција.“
На прашањето за потребата од уставни измени, професорката Сиљановска-Давкова одговори дека на Македонија ѝ е потребен сосема нов Устав, изработен од експерти по уставно право, а посебно се осврна на следните теми:
„Проблем е што имаме две влади во една, два парламенти кои немаат комуникација меѓу себе. Потребни ни се темелни уставни измени на овој, франкенштајн’ од Устав.
Она што нам ни треба е кога ќе го врати Претседателот законот, Собранието да мора да одлучува со 2/3 или законот да подлежи на оценката на Уставниот суд пред повторно да дојде пред Собранието.“
За предложените уставни измени, кандидатката за претседателка на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова заклучи:
„Кај мене нема ,земи или остави’! Не смеело да се отиде во Брисел и да се прифати Преговарачка рамка без домашен консензус. Апсолутно не се согласувам дека ова е завршена работа. Пендаровски не смеел да го прифати тоа што Бујар Османи му го донел како предлог.
Во Договорот со Бугарија нема никаква клаузула за менување на македонскиот Устав. Вашата логика, господине Османи за шифт кон малцинства не е точна.
Да престанеме со тој илузионизам дека со уставни промени ќе процветаме. Да се одеше во Брисел со уставни измени досега ќе претседававме со ЕУ. Само со примена на копенхагенските критериуми ќе имаме успешна држава.
Како ќе се справам со барањето за уставни измени и вметнување на Бугарите во Уставот? Прво, ќе се обратам пред Собранието и ќе повикам на консензус и единство. Потоа ќе објаснам што се копенхагенски критериуми, а што е непристоен ултиматум.“
На повикот од противкандидатите за помирување, Сиљановска-Давкова одговори: „За да има помирување треба да зборуваме за транзициска правда, а за транзициска правда треба одговорност. Одговорност треба да има и овде, па не случајно дојде иницијативата на Мијатовиќ (комесарот за човекови права на Советот на Европа – забелешка на тим ГСД 2024)“
Во расправата за надворешната политика, професорката Сиљановска-Давкова запраша:
„Кој ве овласти вас, господине Бујар Османи при жив и здрав претседател Вие сами да одлучувате за Сребреница?
Вие сте влегле во Отворен Балкан со две држави, а тука во Западниот Балкан има и други земји. Сега велите дека треба да излеземе од таму, па како е тоа координирана македонска надворешна политика?
За амбасадори имаме скандал-мајстори, па сликата за Македонија е катастрофална. На ова мора да се стави крај. Затоа дипломатите ќе ги регрутирам преку Академијата, а амбасадорите ќе мора да поминат пред Комисијата во Собранието.“
Таа се осврна и на предлогот на противкандидатот Бујар Османи за сертифицирање на македонските политичари:
“Замислете, Бујар предлага кандидати за претседатели да бидат сертифицирани однадвор, а не од граѓаните. Па тогаш, кандидирајте се за генерален секретар или за европски претседал, не за претседател на Македонија! Граѓаните на Македонија се единствените кои што го сертифицираат претседателот со своите гласови на изборите.“
Во блокот посветен за младинската политика, професорката Сиљановскап-Давкова истакна:
„Нам ни треба битка за најдобрите и најспособните, наместо за медиокритетите. Ако уште на факултет ги каниме најдобрите да се вработат тогаш ќе одиме напред.
Треба да престанеме со погрешната примена на правичната и соодветна застапеност. И во Рамковниот договор прво пишува стручност и компетеност, а потоа каква било застапеност.“
За односот на Македонија кон дијаспората, Сиљановска-Давкова потцрта:
„Треба да имаме постојана комуникација со нашите кои се надвор и претседателот тука треба да игра голема улога. Само ако имаме пристојни стандарди како во ЕУ, тогаш ќе може да ги вратиме младите назад дома;
Кај претседателот треба да има Совет за соработка со дијаспората. Но, за да ја вратиме дома дијаспората, нам ни треба владеење на правото. Оваа власт тоа го оневозможува затоа и дијаспората не доаѓа.“
На крајот на дебатата, кандидатката за претседателка на Македонија, професор д-р Гордана Сиљановска-Давкова објасни зошто граѓаните треба нејзе да ѝ ја дадат довербата на претседателските избори:
„Зошто треба да се гласа за мене на овие избори? Јас ќе ги практикувам уставните овластување, ќе го почитувам националното право, европското право и меѓународното право, а ќе се држам до државни и национални интереси. Нема да се срамат граѓаните на Македонија од мене. Македонија ќе има пристоен претседател.“