Претседателката Гордана Сиљановска Давкова смета дека химната на државата не треба да се менува и посочи дека таа, знамето и грбот во некои држави се опишани во Уставот. Но, предупредува дека кога секогаш почнуваме да разговараме за етнички прашања и симболи, не ни останува време за соочување со вистинските дилеми.

– Мојата дилема е следнава, дека секогаш кога почнуваме да разговараме за вакви прашања, етнички прашања, симболи итн. со таква страст тоа го правиме што не ни останува време за соочување со вистинските дилеми. Ако денеска зборуваме за драматични промени треба ние да се адаптираме на драматичните промени. Тоа мислам се плашам да не влеземе во нови страсни конфликти, а симболите би требало да обединуваат, не да разединуваат. Тоа е мојот скромен став, рече претседателката која беше во посета на Македонската академија на науките и уметностите.

Според неа, нема потреба за промена на химната.

-Прво, ако ме прашувате за химната апсолутно мислам дека нема потреба од промена на химната. Химната никогаш не одразува сегашност, секогаш одразува историска меморија, генеза. И ние немаме право, замислете јас не сум чула да менуваат луѓе дури и, ако се сеќавате, во рамките на ЕУ, во обидот да се донесе Уставот во 2005 на ЕУ, беше предвидена химна. Не дојде до тоа. Значи целата историја сите народи низ историјата креирале песни или химни коишто се најважниот државен симбол впрочем и затоа не знам колку знаете, текстовите на химните во најголемиот број држави се во Уставот, рече претседателката.

Сиљановска Давкова наведе и дека и знамето и грбот се опишани во Уставот.

-Понатаму описот на знамето во најголемиот број држави и во регионот е во Уставот. Грбот е опишан во Уставот. Кога се работи за грбот прво точно е дека тој има симболи коишто укажуваат повеќе на географијата одошто на нешто што можеби било белег низ историјата. Имам само една дилема јас околу моментот на отворањето на прашањето итн. не негирам дека низ историјата на присутниот сибмол бил лавот, црвениот тој на златната основа, не го негирам, тоа го кажуваа и во Собрание тогаш, рече претседателката.

Претседателот на МАНУ, академикот Живко Попов, смета дека во овој момент менувањето на државните симболи не треба да биде најактуелно прашање, бидејќи земјата се соочува со многу други круцијални прашања.

– Овие прашања во овој момент по мене, не би требало да бидат актуелизирани. Јас лично не сметам дека симболите што произлегуваат од историски моменти поготово од револуцијата со која што настана РМ како дел од југословенската федерација, дека тие треба да бидат променети. Значи тие симболи што произлегоа, прво, од Илинденското востание 1903 година, потоа Втората светска војна, НОБ, тие се произлезени од моменти историски од исклучително значење за македонскиот народ. Според мене, тие се добри, може да се подобруваат, но симболите се добри и не би требало да се променат, смета академикот Попов.

На новинарско прашање за формирање на Академија на Албанците. Сиљановска Давкова потенцира дека академиите не се етнички институиции, туку научни, образовни и уметнички институции.

-Во академиите по светот седат не само луѓе од тие држави, туку и луѓе од други држави, а наши академици се членови за други академии. Меѓутоа најмалку академијата може да биде локална институција. Таа кога велам не мислам на Македонците во етничка смисла, мислам на најумните, на најобразованите и, не мислам дека има потреба од, како што велите вие, академија на Албанците, бидејќи ова не е академија на Македонците. Придавката македонска се однесува на демосот, на сите граѓани, истакна Сиљановска Давкова.

МАНУ со својот став во врска со прашањето за Академија на Албанците го имаме кажано многу јасно.

-Името македонска произлегува од името на Македонија. Тоа не значи дека Македонската академија припаѓа само на македонскиот народ. Таа е национална академија на Македонците како мнозински народ, се разбира пред се коишто се основачи на таа академија, меѓутоа и на сите други малцинства односно делови на народи. Според моите сознанија Академијата се движи кон јубилејот околу 60 години, истакна Попов.

Моите сознанија, истакна тој, не зборуваат дека ние имаме дискриминирано кој било што не припаѓа на македонскиот народ. Попов кажа дека ова е изборна година во МАНУ и дека сите кои ги исполнуваат условите може да конкурираат.

-Не сметам дека некој ќе биде хендикипиран и дека ќе биде дискриминиран, рече тој, додавајќи дека треба да се смета на мерит системот, на квалитетот, а не на национален клуч.

Национален клуч, потсетува тој, имаше во бившата југословенска федерација. – Имаме изборен модел пресликан од сите околни академици, вклучувајќи ја и Р.Албанија, сите републики бивши на бившата југословенска федерација, рече претседателот на МАНУ.