Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова преку видео-порака се обрати на свеченото отворање на Петтата Зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, што од денеска, под нејзино покровителство, се одржува на далечина.
Во своето обраќање, претседателката Сиљановска-Давкова ја истакна суштинската вредност на македонскиот јазик како темел на македонскиот ентитет и идентитет, нагласувајќи ја неговата моќ да отвора нови хоризонти и да освојува нови универзуми. Таа упати искрени честитки за сета вложена енергија и посветеност во организацијата на зимската школа, која се одликува со богати програмски содржини и висококвалитетна настава, реализирана од реномирани предавачи и лектори на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
„Петтата зимска школа е расадник на светската македонистика преку која студентите, професорите, научните истражувачи, македонистите, филолозите, културолозите од странските универзитети во светот, имаат можност да ја растат и да ја развиваат македонистиката, да ги усовршуваат македонскиот јазик, литература и култура“, истакна претседателката, изразувајќи задоволство што македонистиката е стабилна, студиозна и аргументирана наука со долга традиција и врвни резултати.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова:
Имам чест да се обратам на ова големо македонистичко собрание од 100-тина македонисти од целиот свет, од 18 земји, амбасадори на импресивната мисија на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Семинарот, потомок на древната Охридска книжевна школа на Свети Климент, студиозно ја развива македонистичката наука во светот и кај нас, преку летни школи, зимски школи (на далечина) меѓународни научни конференции во Охрид, и преку лекторати по македонистика на универзитетите во странство.
Чест е да се биде покровителка на Петтата зимска школа на УКИМ, којашто е репрезент на врвната филологија и културологија.
Чест е да се биде репрезент на најстариот, најреномиран државен Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, носител на фундаменталната и стожерна мисија во високото образование и науката во Македонија, каде што го градев мојот академски пат како професорка и научна истражувачка.
Чест е да се говори пред македонистички „океан“ како овој колосален собир. Импресивна е бројката на досегашни учесници на летните и зимските школи, на меѓународните конференции на Меѓународниот семинар на УКИМ – над 4 300 учесници од 70 земји, а фасцинантен е огромниот интерес за македонистиката во светот за кој сведочи досега рекордна бројка од 100-тина учесници на оваа Петта зимска школа (на далечина).
Одлично е што постои континуитет меѓу летните школи на Семинарот во Охрид и зимските школи што се одржуваат на далечина, во согласност со најновите можности со кои и денес, сите заедно – македонствуваме: јазично, книжевно и културолошки. Петтата зимска школа е расадник на светската македонистика преку која студентите, професорите, научните истражувачи, македонистите, филолозите, културолозите од странските универзитети во светот, имаат можност да ја растат и да ја развиваат македонистиката, да ги усовршуваат македонскиот јазик, литература и култура.
И со задоволство можам да кажам дека македонистиката е стабилна, студиозна и аргументирана наука со долга традиција, врвни резултати до кои се доаѓа преку студиозен раст и развој, развој во кој стожерно значење има Меѓународниот семинар при УКИМ. Во таа грандиозна мисија, во тој раскошен македонистички „мозаик“, кој секојдневно расте, значајна улога имате вие, почитувани и драги македонисти од сите континенти, кои од денес отворате нова страница во историјата на македонистиката.
И повторно, од денес, македонистиката ќе биде облагородена и „позлатена“ со македонистичко „семе“, коешто ќе биде „посеано“ насекаде кон светот, та како светлина ќе зрачи и ќе ја осветли оваа прекрасна и свечена македонистичка седмица во која 100-тина македонисти раскошно ќе ја растат и ќе ја развиваат македонистиката и ќе пратат моќно македонистичко послание кон светот. Послание со пораки за развој на македонистиката како наука, како извор на мудрословија, цитати, препеви, реплики, стихови, преку „океан од стихови“ на древна култура којашто праќа драгоцени книжевни, културолошки, благородни, благопожелни, мирољубиви пораки кон светот, како и пораки за развој на соработка во високото образование, науката, културната дипломатија – како врвни цивилизациски и хуманистички придобивки.
Зимската школа на Меѓународниот семинар – нема граници, не познава бариери, гради мостови на соработка, научна и културна размена, пријателство и културна дипломатија.
Почитувани македонисти,
Македонскиот јазик е суштина на македонскиот ентитет и идентитет. Македонската реч, уметничка и научна – отвора нови хоризонти и освојува нови универзуми. Македонскиот мелос, фолклорот, историјата, археологијата – се нашите скапоцени и непресушни извори што ги споделуваме со вас.
Честитки за сета вложена енергија во подготовките на Петтата зимска школа со богати програмски содржини и квалитетна настава којашто ја одржуваат реномирани предавачи и лектори на УКИМ. Ректорката на УКИМ, директорката на Меѓународниот семинар при УКИМ и Советот на Семинарот, на најубав начин, успеаја да го кренат Семинарот на највисоко ниво. Како покровителка на летните и зимските школи на Меѓународниот семинар при УКИМ, изразувам поддршка на афирмацијата на македонистиката во светот и кај нас, како што државниот врв и институциите јасно ја искажуваат својата поддршка кон дејноста на Меѓународниот семинар при УКИМ. Сите ние треба да вложиме дел од себе, најубавиот дел од себе, како што се македонскиот јазик, македонската традиција, книжевност, уметност, култура, музика, фолклор и да ги покажеме пред светот како врвна вредност.
Повторно сме заедно почитувани македонисти иако сега на далечина ќе ткаете голем македонистички мозаик налик везот на везилката ни. Ви благодарам што ја развивате македонистиката преку мостови на оваа прекрасна мрежа на соработка. Летните и зимските школи на Меѓународниот семинар при УКИМ се извор на љубов и почит кон јазикот, литературата, науката и културата – што е срцевина на зборот филологија, но и знак за човекољубие и космополитизам.
Македонистичката мрежа е чиста сончевина. Нека зрачи и кон вашите универзитети и училници, и кон вашите срца и нека сјае како зраците на македонското знаме.
Во својство на покровителка, чест ми е да ја прогласам за отворена Петтата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и да ви посакам успешна и плодна работа.
Сиљановска-Давкова: Со Коперникански чекори за полско-македонска соработка
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, за време на престојот во Република Полска, го посети Јагелонскиот универзитет во Краков, една од најстарите европски високообразовни институции, основана во 14 век.
Таа вчера оствари средба со македонистите и славистите од Полска, каде беше запознаена со историјатот и работата на Лекторатот по македонски јазик, со интересот на полските студенти за изучување на македонскиот јазик, како и со нивните активности за промоција на македонскиот јазик и култура. Македонистите ја нагласија својата соработка со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, како и своите заложби за културна и образовна размена меѓу двете земји.
– Да бидете на еден од најстарите европски универзитети, Универзитет што настанал во 14. век и тој да е полн со живот, е навистина коперниканска инспирација, изјави Сиљановска-Давкова. Таа нагласи дека ќе се заложи за интензивирање на соработката, отворање на културен центар и поддршка за преводи и заеднички проекти.
– Саатот зад мене ги покажува основачите на овој универзитет и она што го чув, мене ми дава за право да ветам дека навистина нам ни е потребен еден огромен полско-македонски исчекор во соработката, посочувајќи дека дури четири универзитети, некои од нив во сите степени на образование, други во определен степен на образование, се занимаваат не само со славистика, туку и со македонистика.
Јас како покровителка на меѓународниот семинар за македонски јазик и култура, ветувам дека ќе сторам се за да се интензивира соработката. Неколкупати чув дека е потребно да се отвори Културен центар. Значи да продолжиме со преводите од полски на македонски и обратно, да ги стимулираме заедничките проекти, меѓу кои и проект врзан за децата бегалци. Тоа отвора една друга ера, да чуете исто така за антрополошки истражувања, за истражувања, да речеме, на македонците – муслимани – е навистина нешто што ветува. Значи, јас од срце им благодарам на полските слависти, македонисти, за она што го сториле досега, за ширењето на македонскиот јазик и за македонската култура и предлагам да ја релативизираме далеченина, со Коперникански чекори да тргнеме напред, бидејќи навистина мислам дека во светот како место за разбирање, релативизирање на јазиците, градење на заедничка култура, ова место овде – Јагелонскиот универзитет, но и луѓето кои дојдоа од другите полски универзитети – многу ветува.
Покрај Коперник, меѓу угледните поранешни студенти на универзитетот се и шефови на држави, кралот Јован III Собиески, папата Јован Павле Втори и полскиот претседател Анджеј Дуда. Четворица нобеловци се поврзани со универзитетот, сите во литературата: Иво Андриќ и Вислава Шимборска, кои студирале таму, и Чеслав Милош и Олга Токарчук, кои предавале на таа институција.
Сиљановска – Давкова го го посети музејот „Колегиум Мајус“ и се потпише во книгата на впечатоци. Таа подари дрворез со македонски мотиви, додека од универзитетот доби репродукција на Јагелонскиот глобус.
Фото: МИА