Гордана СИЛЈАНОВСКА-ДАВКОВА

Тропа ли михајловизмот на македонските порти како „културен “ феномен?

Бугарскиот премиер Петков, во друштво на докажаните политички „неимари“ на македонско-бугарските добрососедски мостови: Јотова, Каракачанов, Захариева и Костадинов, во саботата, во битолската чаршија го отвори „Културниот центар Иван Михајлов“.

Граѓаните на конзулскиот град бурно реагираа на изјавите на бугарските гости, кои звучеа и делуваа како провокатори. Згора, сеприсутниот македонски министер за надворешни работи, Бујар Османи објасни дека бугарските пријатели не ги поканиле македонските власти на настаните во Битола и Охрид, со што создаде забуна кој е кој во оваа држава, односно како е можно да се регистрира здружение со такво име, кое најмалку асоцира на култура, но сигурно буди небришлива, болна меморија на некогашните „администратори“.

Се разбира, “аргументацијата“ на министерот дека е во прашање слободно движење на луѓе, стоки и идеи, кога зборуваме за официјални претставници на странска држава, а не за културни дејци е политички ветер и магла. Да се работеше за културен настан, таму ќе беше министерката за култура, патем, битолчанка!

Што не ќе чуеме од г-динот Османи: те, не не информирал за договорот од 2019 за заедничко славење на Самоил, Кирил и Методиј и Св. Климент и Наум за да не поштеди од нервози, небаре сме го избрале за матичен национален лекар, те не советува да се ослободиме од емоциите, да бидеме непристрасни и прагматични за да го фатиме европскиот воз, те се повикува на португалски предлог, наместо да гради македонски…

Замислете, својот културен идентитет го заштитил со Бадентерово мнозинство, односно со вето, а мојот, неовластено „го штити“ тој на негов, таен начин…. И ние го толерираме, во името на „европските„ цели! Така, михајловизмот стана „европски“ чекор за д-р Бујар Османи.

На битолско-охридскиот (не)културен викенд недостигаа уште претседателот Радев и европратеникот Ковачев.

„Препознатливиот“ бриселски културен поздрав на вториов додатно ќе ја разоткриеше посебната „културна вредност“ на ликот и делото на Иван (Ванчо) Михајлов и јасно ќе го трасираше (не)европскиот правец на бугарските односи кон Македонија, македонскиот народ, македонската нација, македонскиот идентитет, македонската историја, македонскиот јазик.

Со оглед на неспорните „заслуги“ на Иван (Ванчо) Михајлов за европската културна традиција, очекував бугарската културно- политичка мисија во Битола и Охрид да биде поздравена од ЕУ како голем исчекор во решавањето на македонско-бугарските недоразбирања. Неспорно е дека културната дипломатија многу пати се покажала како помоќна од традиционалната, но не ми е јасна улогата на Иван (Ванчо) Михајлов во градењето „културни“ врски меѓу македонскиот и бугарскиот народ. Иако „евроинтегратистите“ направија невозможен уставен „подвиг“, бришејќи ги документите на АСНОМ од Уставот и запишувајќи го „прогласот“ во Преамбулата, со еден клик може да се отворат и да се прочита во Манифестот дека за асномците, Иван Михајлов не е „културен горостас“, туку „ крволок“?

Да потсетам на воведните зборови на најстариот асномец, Панко Брашнаров на Првото заседание на Антифашистичкото Собрание на Народното Ослободување на Македонија: „Со радост и премрежени очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња до Вардар, од Места до Бистрица… сакајќи да го излеат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропаѓањето на Самоиловата држава, за да се роди денес нова, светла, слободна, македонска држава…“.

Чудно е кога историскиве нациии не убедуваат нас, Македонците дека е важна иднината, а не минатото, иако, покрај своето, го сакааат и нашето. Зарем ние немаме право на колективна меморија и национална историја, па треба да се самоодречеме од неа, за да речат „ да„ фрустрираните балкански политичари за нашиот почеток на преговорите, во кои ќе можат кога и колку сакаат да го употребат рефренот „не“, а да не говориме за референдумот за членство!!

Бизарно е во единственото место на планетава на кое ние Македонците имаме дом и татковина, да слушаме политички гости, како потпретседателката Јотова, како прашуваат: „Кои се тие Македонци во Бугарија?“

Прашањето се поставува во момент кога во Мелник се одвива македонското чествување на Јане Сандански, борецот за човекови и национални права на Македонците во Пиринска Македонија, кој велеше: „Да живееш, значи да се бориш: робот за слобода, а слободниот, за совршенство!“

Неетички е да се фалите со ангажман во Советот на Европа и во ЕУ, гордо да отворате културен центар на Бугарите во Македонија, а да замижувате пред пресудите на Судот за човекови права за културен дом на Македонците во Бугарија!

Непристојно е, по пописот, на кој 3. 504 (0,19%) македонски граѓани се декларирале како Бугари, од кои, 1500, одговориле дека бугарскиот јазик им е мајчин, да тврдите дека на попишаните им бил баран „доказ“ за бугарско потекло, иако, според законот доволно е само да ја декларирате етничката припадност, па дури и „најинформираниот“ за вас и за другите да даде податоци!

Г-ѓа Јотова може да фрли поглед на бугарските пописи од 1946 и 1956 година. Тезата дека 178.862 Македонци во Пиринска Македонија се изброени по наредба на Георги Димитров е далеку од логиката, а не само од статистиката! За кого биле отворени македонските културни центри во Пиринска Македонија, училиштата на македонски јазик, театрите, каде оделе македонските учители, кој учел од книгите на македонски јазик? За жал, асимилацијата, се толерирала и се толерира, од прагматични политички причини, а меѓународните конвенции не важат за сите држави!

Европски и бугарски срам е да се замижува пред ноторниот факт дека Бугарија ја потпиша Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства во 1997, ја ратификува во 1999, а истата година стапи во сила. Неевропско поведение е г-динот Радев, во својство на претседател на држава, членка на ЕУ да ни се заканува да не помислиме да ги третираме Бугарите во Македонија како малцинство! Пак ли ке смислуваме некој „sui generis” изум, ќе посегаме по Езопов јазик, ќе измислуваме непознати правни и политички решенија?

Европска и бугарска хипокризија е да се негираат 16 пресуди против Бугарија за оневозможување на правата на макеоднското малцинство во Бугарија. Европски и бугарски срам е да не се регистрира партијата „ ОМО – Илинден“, а да не потсетувам на одземените мандати на градоначалниците од неговите редови. Бугарско чудо- невидено!

Но, најголем срам е да се „заборави“ дека модерна Европа е заснована врз антифашистички темели. Повампирениот фашизам, чиј изданок е михајловизмот, не смее да се толерира ниту за миг, никогаш и никаде.

Премиер на членка на ЕУ, во друштво на највисоки политички функционери да учествува во отворање на „културен“ центар со име на личност со документирано фашистичко искуство, не е добрососедски културен, туку антиевропски чин.

Згора, да организирате ваков настан на 16-ти април, во Битола, градот на 3.200 Евреи, еден ден по почетокот на Песах, празникот на егзодусот на Израелците од ропството во Египет, што симболизира раѓање на израелската нација е бласфемија и буди морничави мисли, врзани за холокаустот, чие негирање е кривично дело!

Се ближи 9 мај, „Денот на Европа“, кој за мене, далеку подобро звучеше како „Ден на победата над фашизмот“. Ги замислувам бугарските и македонските „европјани“ како заедно го слават низ културните центри на Иван Михајлов!