Кандидатката за претседател од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Гордана Силјановска-Давкова вечерва пред граѓаните на скопската општина Карпош порача дека сака да направи пристојна и европска држава во која ќе владее правото.

Оцени дека СДСМ има недржавнички однос и додаде дека многу набрзо Македонија ќе добие извештај од Европската Унија со интересна форма на чекање на почетокот на преговорите за влез во ЕУ.

– Се прашувам уште колку години треба да се подготвуваме за почеток на преговори. Се разбира дека тоа е доказ за нивната неспособност да се справат со предизвиците на ова време, да ги решаваат проблемите на граѓаните, рече Силјановска-Давкова.

Истакна дека нема правна држава и демократија без просперитетна и стабилна економија што, според неа, не е случај со земјава. Инвеститорите, посочи Силјановска-Давкова, сакаат стабилна економија, а со тоа и сигурност на влогот.

– Економијата не може да цвета во отсуство на правна држава. Луѓето кога вложуваат сакаат сигурност на влогот. Луѓето кога вложуваат сакаат законите да важат подеднакво за сите, луѓето кога вложуваат, сакаат сигурност на добивката, меѓутоа корупцијата и криминалот царуваат во Македонија и не само што ја загрозуваат правната држава, туку и суверенитетот на Македонија, рече Силјановска-Давкова.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски рече дека заедно со народот ќе ја градат иднината на државата и оти нема да ветува многу како што тоа го правеле други досега, туку она што ќе го вети, ќе го оствари. Додаде дека завршило времето на политичари како Пендаровски и Заев и оти доаѓа време на, како што рече, честити луѓе кои ќе ја водат државата