Со години претседателот повикува на ветинг. Тоа значи или генерален реизбор или пак другата форма на ветинг, кога треба да се направи евалуација или реевалуација на сите кандидати во поглед на имотот или во поглед на стореното. Но, три пати да се залагате за нешто, а да не направите ни еден чекор кон тоа, мислам дека ве предупредува дека треба сами да си ставите вето на она што го ветувате, а не го исполнувате! Можеби така го замислува претседателот ветото! Јас не знам како го замислува! Како нешто што постојано го ветува, ама крајно време е: Вето да си стави сам, дека нема да измислува! А мислам дека и вие треба вето да му ставите, истакна кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова.
-Ние кога го критикуваме ДУИ, не ги критикуваме Албанците. Кога ги критикуваме одлуките на коалицијата, не тргнуваме од етнички или верски пориви, туку од нивната длабока вмешаност во корупцијата и криминалот. Мислам дека најважната битка што мора да почне на 24-ти, а да биде потврдена со најголема можна брзина во иднина, е бескомпромисната борба со корупцијата и криминалот! Корупцијата и криминалот немаат никаков етнички или религиозен предзнак! Не! Меѓутоа, ни економија, ни образование, ниту култура, ни земјоделие, не може да се развиваат без правна држава во која сите ќе бидат под Уставот и законите! Во која нема да има селективно судство, ниту несанкционирање на потезите на многу други оти веќе бегање нема, рече таа.
Понатаму во говорот, Силјановска Давкова порача: Во последниот извештај на Фридом хаус до нас е упатена порака: – Крајно време е да престанеме да бидеме хибриден режим кој се врти во корупцијата и криминалот! Крајно време е стручноста и компетентноста да бидат важечките критериуми за влез во било која професија, за било која функција! Така не само што ќе ги задржиме најупешните и ќе ги охрабриме младите да останат тука, туку ќе се знае дека кој и да дојде на власт, државата ќе функционира. Оваа држава не функционира како правна држава!
-Тука и претседалот има улога, јасно ви е. Поминаа многу закони на кои мораше да им стави вето. Еден од најстрашните е оној за измени на Кривичниот законик! Значи, тој стана соученик во стимулирањето на криминалот. Зошто? Затоа што измислуваше најразлични аргументации зошто измените се добри, па споредуваше со Германија и слично. Но, факт е дека обезбедија со тој ужасен закон, всушност легализација на корупцијата и криминалот. Односно, обезбедија заштита на корумпираните и на криминалците. Ние тоа нема да го дозволиме! На ниту едно ниво, во ниту една институција. Оти силните институции, процедурата и санкционирањето се гаранција не само за демократска, туку и за правна држава. Таквите држави се европски држави, а не државите што тие ги нарекуваат европски, како нашата. Не е европска нашата држава. Но, верувајте ми на 24-ти и на 8-ми ќе започне поставувањето на темелите на Македонија како европска држава! Стандардна држава, порача Силјановска Давкова.