И другите имале пречка и ја надминале, но кога вие нонстоп се соочувате со пречки и кога некој верува дека пречките може да се надминат со уставни измени, а Уставот е најинтерниот акт на една држава, закон над законите, општествена повелба – тогаш тоа е проблематично. Се разбира јас, како и досега, само ги цитирам темелните вредности и принципи од конститутивните акти на ЕУ и прашувам дали важат за нас, изјави претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова.
Во врска со поставениот услов од Бугарија за уставни измени за да почнат преговорите со ЕУ за членство, претседателката вечерва во интервју во емисијата „Вин-вин“ на ТВ Телма рече дека кај нас постои „оправдан страв дали навистина тоа ќе бидат последни уставни измени или, пак, ние ќе се соочиме со нови и нови барања“.
-Оти кога имате комисии од таков тип, во кои седат политизирани историчари, може да се најдат многу прашања за кои не може да има согласност и тоа да биде извор на ново вето, рече Сиљановска-Давкова.
Прашана за денешната средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и за неговиот став во врска со наметнатиот спор, таа посочи дека тој веќе се имал сретнато со бугарскиот претседател Румен Радев, а првпат се сретнал со новиот премиер Росен Желјазков за кого „смета дека е креативен човек кој сака да трага по решенија“.
Рече дека на Кошта „правнички му го објаснила нејзиното видување и нашиот предлог за уставни измени со одложено дејство кој овде беше жестоко критикуван“.
-Вели дека е извонредно конципиран, но дека не го прифаќа Бугарија. Се обидел да го презентира, значи – неприфатен. Заради консензусот, иако многу членки кои го разбираат, не може да помине. Мислам дека г. Кошта и тимот околу него, како и многу членки, особено од Вишеградската група, како Полска и Словачка, постојано ќе трагаат по механизми и јас затоа ги поттикнувам на креативни решенија – како да се оневозможи овој наш маратон. Бидејќи 20 години маратон не се слави. И кога слушам „тажна приказна“, не ја напишавме ние. Некој друг е авторот на тажната приказна, рече претседателката.
Во врска со работата на историската комисија, нагласи дека „нема решение ако не се усогласиме околу прашањата, ниту, пак, може да се затвори приказната“ и притоа додаде дека „динамиката не е француско-германска или полско-германска за ние да разговараме“.
– Не се тоа разговори како оние другите, туку тоа се разговори за кои мора да се постигне согласност. Изедначени се силите и нема да има, ама тогаш ќе има и статус-кво и ние ќе си летаме во место. Ние мораме да се усогласиме. Ако не се усогласиме, нема да има крај на оваа приказна и ние не можеме, и покрај кластерите, да речеме дека ги поминавме од копенхагенските критериуми, бидејќи ова е извор на можни блокади. Или ќе постигнеме да се договориме дека се заеднички Гоце Делчев или не знам кој, дека немало фашизам итн., или нема крај на таа приказна. Тоа е атипично и сите го гледаат … Мислам дека министерот за надворешни работи си ги пречекорил овластувањата. Како тој потпишал дека нешто ќе влезе во Рамка, а Рамката ќе биде услов којшто треба да се исполни за да можеме ние да завршиме со кластерите и за да може да дојде до ратификација, рече Сиљановска-Давкова.
Во однос на барањето за внесување на Бугарите во нашиот Устав, таа кажа дека „не можеме од Преамбулата да правиме телефонски именик и сѐ да броиме“, посочувајќи ја за пример Словенија каде не се споменати сите етникуми туку ги има во „други“. Она што е најважно за малцинските права, рече Сиљановска-Давкова, не е дали малцинствата се наброени во Преамбулата, туку дека во нормативниот текст има член што ги гарантира правата на сите.
– Во бугарскиот устав нема ниту едно зборче за гарантирање на малцинските права, додаде претседателката на државата во интервјуто по повод една година од стапувањето на функцијата.