Во Струмица се чувствувам особено добро бидејќи знам дека оттука ќе тргне тој политички вулкан што ќе стави крај на последната феудална енклава во Македонија. Таа енклава ја нареков феудот на Заеви што ќе се распадне! Замислете, „заколнати“ самонаречени европјани мислат дека со рефудализација ќе стигнат во ЕУ. Неверојатно нешто! Посебно ми беше убаво кога видов дека сме победиле и во Муртино,вели кандидатката за претседателка на Македонија, професор д-р Гордана Силјановска-Давкова, од Струмица.
Денеска во една чудна дебата, квази дебата на давеник што се фаќа за сламка, бев прашана како може да не го употребувам името „северна“, сум го кршела Уставот. Му објаснив дека правото на самоопределување е колективно право и дека Македонија истото го искористи уште на АСНОМ. Но и дека секој од нас има право на индивидуално самоопределување и дека никој, никогаш ниту мене, ниту вам не може да ни забрани да го употребуваме името Македонија. Замислете, во една емисија, во еден изборен циклус, не знаете кој е кој, не знаете со кого разговарате, бидејќи господинот Пендаровски неколку пати го негира она што го кажал. Во една изјава сум одличен професор, меѓународно признат експерт, дека сум имала висока морална вертикала. Па после вика не, јас мислев на висока морална вертикала во однос на Уставниот суд. Пазете, луѓево имаат по десет морални вертикали. Еднаш за Уставниот суд, еднаш за Собрание, еднаш за претседател… Неверојатен конгломерат. Како тогаш очекувате став од ваквите луѓе? Како очекувате да опстојат?
Уште посмешни се оние од Проевроскиот фронт. Маршираат во место и си замислуваат дека се „европски“ претседатели, имагинарна функција. Замислете го говорот кога ние сме велеле твоја и горда Македонија, тоа било екстремен национализам. Па не знам зошто, ако тоа е национализам, програмата се преведе на албански, турски, српски, влашки, ромски и бошњачки јазик. Кој е тука националистот? Не, ние не сме.