Претседателката Гордана Сиљановска Давкова упати честитка до граѓаните по повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба.
Во честитката таа вели дека ова е ден кога гордо се потсетуваме на грандиозната историска улога на македонската револуционерна организација, врз чиј дух и дело почива македонската државност.
-Многупати сум потсетила дека животот во слобода, мир и демократија во своја национална држава не ни е подарен, туку е извојуван и изборен од нашите предци, македонските револуционери. Не случајно Републиката, во Член 36 на Уставот им гарантира посебни права на оние кои се бореле за самобитноста на македонскиот народ и неговата државност во национално-ослободителните војни за Македонија.
Затоа, денешниот голем празник е можност да се потсетиме на хероите кои ги дадоа своите животи за слободна, независна, но и за социјална, солидарна и демократска македонска држава. Нивните идеали беа сржта на најнапредните идеи од крајот на 19. век, од нив извираат и врз нив се темелат европските вредности, вградени во конститутивните документи на ЕУ, на коишто постојано повикувам, се наведува во честитката на македонската претседателка.
Чествувањето на 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба е потсетување на нашата обврска да го негуваме и продолжиме светото револуционерно дело преку грижата и заштитата на вечните хумани принципи.
-Кон нив, но и кон нашите наследници имаме обврска чесно, одговорно и посветено, да го продолжиме нивниот револуционерен пат, не со оружје, туку со револуционерен ум, револуционерно знаење и со револуционерни реформи.
Ние немаме друга татковина, освен нивната, онаа на македонските револуционери. Должни сме да ја сочуваме и политички да ја вградиме таму каде што географски, историски и културно отсекогаш припаѓа – во Европа.
Да продолжиме да си ја сакаме, развиваме и чуваме, но и да си ги почитуваме и негуваме темелите врз кои е изградена – правото, правдата, етиката, солидарноста и рамноправноста, стои во честитката.