Уморни сме да ги слушаме извинувањата на поранешните европски функционери и политичари за тоа колку неправедно се постапувало кон нас во нивно време. На македонските граѓани не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на нашата евроинтеграција. Македонските граѓани одамна заслужија да бидат и европски граѓани. Само така и Унијата ќе си ја исчисти совеста кон македонските граѓани и кон регионот на Западен Балкан.
Ова го истакна претседателката Гордана Сиљановска‑Давкова на отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа вечерва во нејзиниот кабинет пред претставници на Паневропските унии на Македонија и Австрија, фондацијата „Ото фон Хабсбург“ и Институтот на регионите на Европа од Салцбург. Таа нагласи дека македонската евроинтеграција предолго се одвива во услови на блокади и неправедни условувања, кои не важеле за ниту една друга земја кандидат.
Посочувајќи на европскиот историски и културен континуитет на Македонија, симболично претставен и во мозаиците на Глигор Чемерски, Сиљановска‑Давкова нагласи дека Западен Балкан е недостасувачкиот дел од европскиот мозаик.
– Мојата земја, заедно со Западен Балкан, се делот којшто недостасува во европскиот мозаик. Без нас не само што Европската Унија не е целосна, туку е и ранлива, изложена на ризици, истакна Сиљановска‑Давкова.
Осврнувајќи се на актуелните геополитички околности претседателкат порача дека Унијата не смее да дозволи создавање нови идеолошки и политички бариери, кои го држат регионот во состојба на неизвесност и го прават подложен на влијание од трети актери. Таа додаде дека забавеното проширување создава ризици не само за Западен Балкан, туку и за европската безбедност.
-Нашата порака е јасна. Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија. Нашите ранливи точки се ранливи точки на Европа, порача Сиљановска‑Давкова.
Претседателката потсети на долгогодишните напори на државата – 25 години од Договорот за стабилизација и асоцијација, 21 година кандидатски статус, позитивни извештаи на Европската комисија, усогласување со европското законодавство и целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ – нагласувајќи дека, и покрај бројните компромиси, државата останува блокирана.
– Наместо господинот Годо, кој никако да дојде, нам ни е потребен нов господин Европа или госпоѓа Европа, нов Паневропеец или Паневропејка што ќе ја заокружи визијата започната пред повеќе од еден век, истакна таа, повикувајќи ги присутните претставници од земјите членки да продолжат да ја поддржуваат македонската европска перспектива.
Австрискиот амбасадор во Македонија, Мартин Памер, во своето обраќање се осврна на предизвиците на проширувањето и на потребата од реална одговорност и волја и во Унијата и во земјите кандидати.
-Оваа конференција претставува почетокот на иднината на земјите од Западен Балкан, овој пат посветена на глобалните предизвици што може да се постават, да не посочи на неопходноста да се придвижиме на двете страни и тоа помеќу земјите членки но и кај кандидатите. Со тоа ќе потврдиме каква е реалноста, само што споменавме некакви реалности, но јас овдека би сакал да се спротивставам на нешто што го рековте, не е ниту политички процес, ниту административна постапка. За мене тоа е извесно и веќе 20 години тоа е процес на интегрирање на југоисточна Европа кој што трае со делумни постигнувања, грешки и неуспех. Како и да е останува незавршен процес, рече Памер.
Тој ја поздрави постигнатата динамика во Црна Гора, оценувајќи дека ќе биде следната земја членка на ЕУ, но додаде дека целиот регион сè уште се соочува со „незавршен и нецелосен процес“.
Амбасадорот посочи дека постојат структурни слабости и во Унијата и во земјите кандидати
-Има една една изрека, Европа сака да се прошири, а вие да се реформирате – но оваа формула е тешко да ја исполнат двете страни, истакна Памер.
Тој посочи дека процесот е амбивалентен и дека одговорност има и во ЕУ и во земјите од регионот.
Амбасадорот предупреди дека преголемото политичко условување од поединечни земји-членки и „ирационалната билатерализација“ ја поткопуваат суштината на европскиот проект.
Тој додаде дека Австрија е долгогодишен и искрен поддржувач на европската интеграција на Македонија и посака успех на државата во реформскиот процес.
Претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, на отворањето на конференцијата рече дека годинава се очекува да биде една од најдинамичните во поглед на европските интеграции, со засилени активности и растечки интерес од европските партнери, но и со многу отворени прашања околу идниот модел на проширување.
Лепавцов истакна дека тековниот циклус на настани посветени на ЕУ и интеграцијата на Западен Балкан е интензивен и охрабрувачки, додавајќи дека конференцијата во Скопје доаѓа непосредно по друг форум посветен на проширувањето, организиран од Асоцијацијата на Европската Унија.
-Среќен сум што нашата идеја се реализира и што денеска сме тука, заедно со претседателката и нашиот меѓународен претседател, да разговараме за теми кои оваа година сериозно ќе нè ангажираат, истакна Лепавцов, издвојувајќи ги трите главни теми, проширувањето, економската отпорност и регионалната соработка.
Тој потенцираше дека економијата станува сè поважен фактор во услови на глобални турбуленции, а регионалната соработка е „критична“ за земјите од Западен Балкан.




