Кандидатот за претседател Гордана Силјановска Давкова денеска се обрати пред граѓаните во општина Центар и им се заблагодари на присуството.

Пред центарци рече дека токму оваа општина е местото на нејзиното детство.

-Поздрав до ВМРО-ДПМНЕ затоа што препозна во мене иако сум независен и непартиски кандидат, човек кој може да обединува. Поздрав до коалиционите партнери, до членовите на Коалицијата „За подобра Македонија“. Поздрав и до граѓаните. Поздрав до Македонците, Албанците, Ромите Власите, Бошњаците, Еѓипќаните, зошто претседателот е и ќе биде претседател на сите граѓани без оглед на нивната етничка, расна, верска или било која друга припадност, истакна Силјановска Давкова.

Посочи дека е среќна што расне нејзиниот процент на поддршка кај Албанците во Македонија. Бидејќи на избори одат поединци, а тоа се нејзините бивши и сегашни студенти, тоа се тие на кои била ментор, наследници на нејзините побратимци од Кичево кои знаат што е беса, знаат да препознаат кој е нивен претседател. И таа одговорно тврди дека тоа ќе го оствари.

-Дојде едно страшно време, невреме речиси 30 години закопани во транзицијата. Никако да влеземе во демократска консолидација. Ама не можам да споменам нешто. Секоја приватизација е всушност грабеж. Секоја приватизација е првобитна акумулација на капиталот. И англиските економисти велат дека во 19-тиот век овците ги изеле луѓето во Англија. Во Македонија политичарите и менаџерите на оваа власт во 90-тите ги изедоа граѓаните и работниците.

Силјановска појасни дека преку ноќ се создаде една олигархиска група која не знае што да прави со парите и затоа е шокантно кога ќе се види како социјалдемократи се фалат со енормни богатства.

-За социјалдемократите социјалната држава треба да е најважната, а пирамидата во која денес живееме е преостра бидејќи на врвот има помалку од 10% пребогати луѓе. Средниот слој, интелигенцијата ја нема бидејќи осиромаши. А, на дно се сите сиромашни. Затоа Македонија е на дно по сите економски параметри денес на Балканот. Тоа е срамно бидејќи се очекуваа реформи од влада која што се закити со придавката реформска, потенцираше и додаде:

„Единствена реформа која што ја направи оваа власт за жал болната реформа на името. Ама како што гледате не сум јас таа што живее во облаците на правото и правдата, и на идеализмот. Чувте што мисли Кире Лазаров, и дали тој го употребува името Северна Македонија, кога ќе ја прослави Македонија, како победничка со Исланд. Не, така мислат најголем број не само Македонци туку и луѓе во Република Македонија. Не се менува името туку така“.

Силјановска Давкова рече дека ако ВМРО-ДПМНЕ отвори за нејзе врата без да ја прифати програмата. Да се натпреварува со своја програма со останатите кандидати и таа беше избрана, тоа е најголем доказ за капацитет за реформи насочени кон внатрепартиска демократија. Таму имало вистински натпревар, натпревар по хотели немало.

-Отсуство на внатрепартиска демократија се сели во институциите, во парламентот, во владата, во судот, и резултатот е кој? Укината поделба на власта. Ние немаме законодавна, извршна и судска власт. Ние немаме спреги и кочници. Се е во рацете на една група на Илинденска и се е во рацете на еден човек. Затоа зборуваме за филозофијата наречена заевизам, кажувам-заборавам-негирам. Мојата филозофија е и ќе биде тоа што ќе го кажам секогаш ќе го помнам и нема само да го помнам туку ќе го остварам.

Силјановска Давкова посочи дека во системот на поделба на власта ние одамна немаме Собрание. Оти Собранието е место за жестока дебата, за спротивставени ставови, за градење консензус, но пратениците тие 81 само креваат раце за одлуки што веќе се донесени на друго место.

-Правната држава ќе биде нашата заедничка партија, зошто без правна држава не може да има демократија, истакна Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова вети пред граѓаните во Општина Центар, дека таа ако биде претседателка ќе ги наградува само оние кои се за наградување, оние кои се познати по своите креации, по своите научни успеси, по своите спортски успеси. Тогаш граѓаните ќе препознаат некој кој што верува во меритократијата, а не во партизацијата и политизацијата.

-Доаѓа 21-ви април, знам сите сме загрижени после она што се случуваше во рефендумот, а се уште нема покренат ниту решен случај, а знаеме дека рекордери не само по загаденоста, не само по најнискиот индекс на човечки капитал, туку и по брзината на гласањето. Се надевам дека присуството на набљудувачи ќе ја ублажи оваа опасност. Но, јас ве молам и мислам дека не постои поголема брзина од масовното учество на изборите, што повеќе граѓани на изборите, тоа е посилна гаранција за фер и демократски избори, рече Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова на крај на граѓаните од Општина Центар истакна дека ако победи на овие избори, ќе се види дали премиерот ќе го одржи зборот барем еднаш и ќе распише предвремени парламентарни избори. -И се знае однапред кој ќе победи на тие избори, Македонија. Правдата во Македонија ќе победи и ќе го турне ова црнило кое владее сега.