На денешната собраниска седница пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова истакна дека Собранието не може и не смее со закон да реши начин на решавање на спор. Може да се донесе закон за заштита на имотот и имотните права на Република Македонија. Но, во овој текст, посочи Силјановска-Давкова тоа го нема. Ако се направи ваков преседан и се усвои ваков текст, таа рече дека очекува претседателот на државата да се одважи и да стави вето.
-Вакви текстови делуваат шокантно и јас не можам да ги наречам закони. Ова што е пред мене е акт кој не знам како да го именувам. Меѓутоа нашата функција треба да биде квази-судска, пара-судска, тоа некои мои колеги би го нарекле надриписарство. Бидејќи да преземе од судските власти и од арбитражите случај и од тоа да направи закон е невозможно. По овој закон би можело да следи и закон за решавање на спорот меѓу господата Заев и Мицкоски на пример, бидејќи тоа е “интер партерс”. Или може да следи серија на закони кога утре ќе имаме не знам со Телеком на пример, ЕВН и така натаму, што е недозволиво во правото. Значи не може да има закон за решавање на спор. Споровите се решаваат пред судовите или со арбитража. Значи не смее Собранието да прерасне во пара-судско тело.
Згора на сето ова, додаде Силјановска-Давкова сето ова е по скратена постапка. Бидејќи законот не бил многу важен. И веднаш стапува во сила по објавувањето во весник, значи нема ни “вакацио легис”.
-Не можете со закон да решите начин на решавање на спор. Можете да ги заштитите имотот и имотните права, ама да си донесеме ниезакон со кој што ќе речеме закон за имотните права на Република Македонија во таа и таа област, на пример. Тоа овде го нема. Ако направиме ваков преседан и усвоиме ваков текст, не само што ќе го прекршиме основното начело на правото, туку исто така ќе отвориме и нова серија на можно негирање на правото и на правната држава. Ова Собрание може да донесе одлука, а не закон, во која ќе утврди начин на решавање на некои проблеми, меѓутоа со закон да решавате спор значи кршење на принципот на владеењето на правото, кршење на принципот на поделба на власта, мешање во судската власт и мислам нема да ни служи на чест. Јас очекувам, доколку го изгласате овој закон со гимнастичка рачна вежба, Претседателот на државата да се одважи и да стави вето, рече Силјановска-Давкова.