„Драги сограѓани,
За мене, 2 Август, Илинден, е најсветиот македонски ден, денот на којшто во 1903 година, македонската републиканска идеја се отелотвори во Крушевската Република и денот кога во 1944 година, на АСНОМ, по вековна борба, се реализира правото на македонскиот народ на национална држава, во којашто се гарантираат правата на малцинските заедници
Илинден е персонификација на исконска желба, решеност, стаменост и храброст за соочување и прифаќање на личната жртва како неминовна!
Илинденската епопеја е македонска битова драма.
Илинден нè обврзува да бидеме достојни и одговорни наследници, а не само благодарни потомци на славните предци.
Кој, ако не ние, ќе биде чувар на илинденскиот завет?
Кога, ако не сега, ќе ја оправдаме довербата на илинденците и асномците?
Каква Република ќе им оставиме на нашите сакани деца и внуци?
И денес, почитувани граѓани, без оглед на етничката, верската, политичката, партиската или друга припадност, мора да ја разбудиме илинденската и асномската совест и свест, влегувајќи во неминовна и неодложна борба за нашата заедничка македонска, европска, демократска република, како правна држава заснована врз начелото на поделба на власта и ефективни спреги и кочници меѓу законодавната, извршната и судската власт, одлучна да ги победи насилството, корупцијата и криминалот, со компетентна, етичка и ефикасна администрација, развиено цивилно општество вклучено во процесот на одлучување и објективно новинарство, бескомпромисно во одбраната на општото добро.
Да ја градиме македонската држава како дом на среќни граѓани.
Честит Илинден!“ се вели во честитката на претседателката Гордана Силјановска-Давкова по повод 2 Август – Илинден.




