Тоа што тие го покренуваат како прашање, не е надлежност на началникот на Генералштабот, туку на министерот за одбрана, рече денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за реакциите од ДУИ дека има исклучување на Албанци од раководни позиции во одбраната.
-Јас од љубопитност прашав, одговорот беше дека се работи за истите органи, истите луѓе, само што во реформите имаат преименување. И јас го слушнав тоа, мислам дека треба да се провери и мислам дека да, треба да се води сметка за правичната и соодветната застапеност. Но, потенцирам дека ние еднаш мора да се договориме што всушност значи правична и соодветна застапеност, нагласи Сиљановска-Давкова, одговорајќи на новинарско прашање по настанот „Глобален женски појадок 2025“.
Сиљановска-Давкова укажа на важноста од вработување стручни, а не партиски кадри. Според неа, кај нас досега не се применуваше институтот правична и соодветна застапеност, туку само т.н. институт пропорционална застапеност.
-Одговорно тврдам дека кај нас досега не се применуваше институтот правична и соодветна, туку само т.н. институт пропорционална застапеност. Колкав е процентот на учество во населението, толкав треба да биде во сите институции, тоа е пропорционално, но не е правично. Правично значи, прво стручност и компетентност, па потоа пропорционалност, односно правична и соодветна би значело ако на конкурсот конкурираат луѓе со исти стручни квалитети, предност ќе има позастапениот. Така велеше судската практика, зашто сега е целосно отстранета и во САД, но и во други држави. Секаде ваквите институти како афирмативна акција или позитивна дискриминација, се привремени механизми што ќе овозможат рамноправност на шансата на луѓето во конкурирањето за која било работна функција или ангажман. Во спротивно, ако има само пропорционалност и ако е тоа просто пресликување на реалното учество на населението, постои голема опасност од целосна партизација и политизација. Впрочем, скринингот тоа го откри и ова што се заговара денеска не е политика на новата Владата, туку е препорака од Годишниот извештај како резултат на скринигпот – дека нашите институции се окупирани од луѓе што не можат да се пофалат со стручност и компетентност ама се партиски и политички избор. Таквата држава не може да напредува. Мора да сториме се за да ги сочуваме најдобрите и најкомпетитивните, да останат дома, а не да бегаат надвор. Затоа нашите најумни цветаат надвор, а овде венеат, подвлече претседталката.
фото: МИА