Португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Сантош Силва, во името на Претседателството со Советот на Европската Унија, и комесарот за соседство и проширување Оливер Вархеи, денеска ќе ги посетат Бугарија и Македонија за да разговараат со властите на двете земји на теми поврзани со процесот на проширување на ЕУ.
Претпладнево во Софија, тие ќе се сретнат со претседателот Румен Радев, како и со премиерот и со министерот за надворешни работи во новата влада, а попладне во Скопје со претседателот Стево Пендаровски, како и со премиерот Зоран Заев, заедно со заменик-претседателот на владата и со министерот за надворешни работи, стои во најавата од Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Премиерот Зоран Заев завчера од Брисел најави дека се подготвува ваква посета во пресрет на одлучувачкиот Совет за општи работи на ЕУ на 22 јуни кога ќе се одлучува за усвојување на преговарачката рамка и првата меѓувладина конференција помеѓу ЕУ и Македонија, со што би започнале и формално преговорите за членство во ЕУ година и половина откако беа одобрени.
Заев за МИА изјави дека смета оти има доволно време да се постигне напредок на релација Скопје-Софија, но дека не сака ниту да ги зголемува очекувањата на граѓаните бидејќи Бугарија и натаму располага со право за вето во Советот на ЕУ.
Доколку земјите членки на ЕУ постигнат согласност до 22 јуни за Македонија и доколку преговарачката рамка ја задоволува и македонската страна, првата меѓувладина конференција би можела да се одржи помеѓу 22 и 30 јуни годинава.